Божилак на исконот

По Прилеп, Скопје и Битола, ,,Божилак на исконот” ќе биде промовирана во Струмица.
Солзите, насмевките, аплаузите и честитките…покажаа дека поезијата допрела до срцата на слушателите. Тоа е посакуваната цел што ме прави бескрајно среќен. Со Струмица, го завршуваме циклусот промоции на ,,Божилак на исконот” во Македонија. Струмичката промоција, (вообичаено за промоциите на ,,Божилак на искнот”), ќе биде невообичаена, со многу гости. Ќе има наслада за сите сетила. Загарантирано!- рече Филип Димковски.

Промоцијата ќе се одржи на 16.10.2015 бо малата сала на Центарот за култура ,,Антон Панов” во Струмица, во 19:30 часот.

Уметничка слика на Кристијан Јованоски-Кетерник, специјално насликана. Сега е корица на неговата втора стихозбирка ,,Божилак на исконот”.

Рекоа за ,,Божилак на исконот”

Мислења, впечатоци импресии за ,,Божилак на исконот” и за досегашните промоции во Прилеп, Скопје и Битола. Овие коментари ми се најголема награда, мотив, поттик и показател.
1. Ви благодариме за незаборавните мигови кои предизвикаа, лавина на емоции во нашите души- впечаток на Розита Кареска, одделенски наставник за настанот ,,Поетично форте фортисимо
2. ,,Поетската вечер ни понуди еден современ пристап кон поезијата. Нежните звуци на виолината ја зголемуваа силината на емоционалноста и ритмиката на стиховите. Извонредно”.-Сузана Николоска, професор по македонски јазик
3. ,,Насловот на промоцијата во Битола, насловена ,,Поетично форте фортисимо” најави вечер на поезија која е длабоко доживеана и извира од дното на душата и затоа чувствата во душите на сите присутни ни беа ,,форте фортисимо”. Сите досегашни промоции беа прекрасни, па не би можела некоја посебно да издвојам”-Ленка Јованоска, гимназиски професор по македонски јазик и литература
4. ,,Вие само посакајте, од дома удобно ушушкани во својата омилена фотелја, со чаша чај која покрај вас мириса на планинска свежина, да прошетате во природа во некој доцен час и глуво доба. И Филип е тука, да Ве поведе на едно несекојдневно патување низ чудни теснеци, покрај жуборливи водотеци, покрај недопрени предели, да ви покаже со око невидени убавини, а само насетени по душа и со срце. Таков е Филип непосреден раскажувач, елоквентен толкувач и силен говорник, месија во идејата да не врати на вистинската религија-ПРИРОДАТА”-извадок од промотивната реч на поетесата д-р Силвана Петрова-Насух кон ,,Божилак на исконот”.
5. Честитки за “Божилакот на исконот”! Присувствував на промоција каде не само што имаше позитивна енергија, туку имаше една исконска младешка енергија, една внесеност во поетскиот стих, едно славење на животот на човекот преку славење на убавините на природата. Поезијата на Филип, но пред се` неговата личност ми ја врати надежта дека иднината ни е во сигурни раце. Секогаш и секаде да ја даваме подршката на ваквите млади луѓе! Да си жив и здрав Филип! Му благодарам на Творецот што не` создава сите, што тебе ни те дал!!-Вера Симовска, поетеса
6. Ќе ја допрам ли планината? Ќе ми шепоти ли и мене? Седам на креветот запрашана. А ветрот се крева. Шушти, шепоти. Планината се буди, ми се обраќа. Влегувам во твојот свет. Се лизгам по планинските очи, ги бакнувам трендафилите, ги галам листовите, им се воодушевувам на криновите бели. Бои, а бои. Се, зелено, бело, срвено, сино. Божилакот се пружа пред мене и јас се престорувам во спектар на чувства. Спектарто на бои се пружа пред мене и јас се престорувам во љубов. Влегов во твојот свет. Се изгубив и повторно се родив. Си играш со зборовите, со звучноста. Некако се поретко може да се најде поезија што треаб да се изговарам а не само да се чита. А твојата воодушевеност со природата…! Потполно го разбрав, секој збор што го рецитираше вечерва-Инес Цебовиќ, лингвист, магистрант на катедрата за македонски јазик во Загреб, Хрватска.
7. Колку повеќе читав, толку повеќе препознавава оригиналност. Толку повеќе наслушнував дека тоа се потајни жубори од длабочината на твоето битие кои со самиот завршеток на секоја песна се чувсвува нескротлив порив на стерновска буица.-Цане Гарески-читател.
8. Филип Димкоски е поет во чии песни ќе сретнеме и лирско чувствување, и мелодичност и искреност и зрела мисла. И во двете збирки, а особено во втората ,,Божилак на исконот” овој млад поет импресионира со својата мисловна експресија, со својата едноставна, а сепак длабоко почувствувана релјефност, просто речено: Со малку зборови, кажано е многу.
Поезијата на младиот поет Филип, е најразбирлива и најпоетична. Таа зрачи со топлина и сензибилност. Тука ќе ја одадеме и хармонијата на елементите на поетскиот израз: звук и боја, рима, ритам и збор, реалност и рефлексност-извадок од портретот за Филип Димкоски напишан од писателката Славка Арсова
9. Иако во предговорот Филип напиша дека на секој автор му е тешко чувствата свои да му ги предаде на читателот, повеќе од очигледно е тоа за него е најлесно од се. Искрените чувства на младата душа многу лесно го наоѓаат патот до читателот, до човекот, до вистината-извадок од рецензијата на новинарката Марија Таушанска Анастасовска кон ,,Божилак на исконот”.
Поетично Форте-фортисимо-двигател, причина и мотив да се забележат на лист хартија, впечатоците што ги остави овој несекојдневен импресивен настан
(Кон промоцијата на ,,Божилак на исконот” од Филип Димкоски во Битола и кон стихозбирката воопшто)
Пишува: проф. Сузана НиколоскаСе што извира од имагинарните поетски пазуви и станува звук и ритам, слика и облик, а при тоа е поврзано со конкретен настан или повод, средства, личност, ја донесува убавината на поезијата.
Поетичното форте-фортисимо на младиот талентиран поет Филип Димкоски, ни понуди токму една таква поезија, презентирајќи ги стиховите од својата втора по редстихозбирка ,,Божилак на исконот” со која веќе забразди во поимпулсивните поетски свери.
Највисокиот поетски чин е себеизнаоѓањето, a таквата потврда ја имаме кај поетот Димкоски уште во неговот првенече ,,Најхранливи зборови од детска душа дарови”. Тој продолжува по избраниот пат. Неговите поетски изблици добиваат порефлексивни димензии.
За овој поет предизвик е космосот, човекот во средиштето на тој космос како главен чинител-земјата-почвата по која чекори и непресушниот извор на неговата поетска инспирација-Природата. Неговата поезија ја потврдува девизата дека природата и човекот се наоѓаат и мора да се наоѓаат во взаемен дослух. Човековата љубов е магичната формула што цврсто ги поврзува и обединува.
Во што е големината и уметничката вредност на неговите стихови?
Многу од нив се мигновен запис за поетот-сликар-волшебник, небесниот играорец, каменот, планината. Некои од нив се вистински запис за одредено време, простор и лик. Меѓу нив се издвојува песната ,,Пак ќе процветам јас”. Сликовитоста на песната е во извонреден склад со емоционалноста, пренесена низ визуелните елементи во стиховите, додека звукот што произлегува од аудитивните елементи е совршено надополнување.
Пејзажот и импресиите од пејзажот, природата, светот во неговата поезија издигнати се до една, хумана порака која гласи: Човекy! Сакај ја природата!
,,Во неа е силата, моќта и убавината
Во неа е се,
Таа без тебе може,
Но ти без неа не”.

Најипулсивната песна што претставува еден идејно-мотивски стожер на целата стихозбирка – ,,Божилак на исконот” e песната ,,Срцевина”.

Во неа се избрани љубовта со нејзината сила и моќ, потребата од воздухот, водата, ветерот, дождот, сонцето. Во неа е запишана и тагата по татковината, но и восхитот кон сите бои што ги подарува природата.
Во центарот сепак е поставен човекот со своите таги и радости, кој мора да опстанува и покрај најжестоките, немилосрдни удари во животот. ,,Срцевина” e всушност метафора за релацијата човек-природа како исконски божилак или според Димкоски -,,Божилак на исконот”.
Но, би можело да се каже дека низ сите стихови поетовото срце се наоѓа во најискрен дослух со природата и човековото битие, кои се надополнуваат.
Овие универзални релации што внимателно ги гради, ги поставува и надградува, се надевам дека ќе бидат негов билет за нови поетски постигања, а неговото име ќе ги разлисти страниците на современата македонска поезија.
Неговата посебност е во говорот, изразниот говор, наизуст кажани сопствените напишани стихови. Тоа го прави посебно импресивен, препознатлив и оригинален неговиот пристап кон поезијата. Со исклучителна интонација и дикција познавајќи ги речиси до совршенство вештините на рецитирањето тој допира до слушателот и со сите свои емоции го внесува во својот поетски свет.
Не би било неправедно ако се каже дека тој внесува еден современ, нов, доста креативен начин во своите стихувани творби.
Изразните сретства се само алатка во вештите раце на овој поет.
Метафората, персонификацијата, компарацијата му помагаат да ја изрази својата перцепција за се она што го опкружува.
Тоа го прави на еден топол и искрен начин и го издига на еден пиедестал своето восхитување кон природата кон се она што е создадено од Бога и постои од искона.
Му посакувам на овој млад и талентиран поет, со својата творечка дарба да направи ризиница од чудесни поетски ткаења.

Поезија од стихозбирката ,,Божилак на исконот” од Филип Димкоски

И каменот има душа

Се слуша жуборот на потокот,
се слуша и песната на птиците
и шумот на далгите езерски се слуша,
но дали сте слушнале
оти и тој говори и чувствува,
дали сте слушнале оти и каменот има душа?

Да беше толку бездушен
како што изгледа
кога го одбива сончевиот блесок
не ќе дозволеше
водата да го распарчи во ситен песок.

Да беше така бездушен
не ќе дозволеше ни патникот на него да седи,
ни ветерот да го тркала
ни тревата под него да гние
ни сонцето бојата да му ја пие.

Некаде длабоко во него
љубовта и топлината се кријат
длабоко во порите негови
илјада приказни спијат.

Зборувам со каменот
го гледам и во мислите се смеам
да немаше каменот душа
немаше за него да пеам.

Витезот од глутницата

Неговото детство е безгрижно,
од мајката љубов и поддршка добива,
но од мал учи
како во животот да се пробива.

Безгрижно игра во степата
со своите браќа мали
низ трчање, борба и игра
неговата личност се кали.

Брзина, машкост и сила стекнува
но секогаш последен останува
неговата чиста братска љубов
борба за опстанок станува.

Напорно се труди
побрз и посилен да стане,
но има посилни од него
и често останува гладен.

Не е веќе беспомошно волкче
сега што се роди,
тој е силен, млад волк
кој глутница треба да води.

За да дојде до врвот
не е така лесно
зашто старите волци
не отстапваат место.

Младиот волк не се откажува
за да завладее дава напор,
но од борбата само лекција нова научи,
лекција за силата на забите и стапот.

Уморен и гладен
раскрвавен често
научи младиот волк
дека во глутницата за него нема место.

Чопорот го напушта-сега е волк самјак
сам лови, сам се брани
сам е
и нападанат од сите страни.

Овој волк е среќен.
Сега со неговата волчица
гордо под столетниот даб стои
си игра и се радува
на потомците свои.

Потомците свои ги учи
на храброст и сила,
добар пример е за нив дека скапа е,
но не и недостижна слободата мила.

Во неговиот чопор
сега неговиот глас се слуша
среќна и исполнета
е волчешката душа.

Размислете момчиња и мажи
зар и нашиот живот не е ваков,
зар ова не е и наша цел
во животот краток.

Срцевина

Многумина пеат за љубовта,
за нејзината сила и моќ,
пеат за девојките и момчињата
кои како воздух им требаат
и ден и ноќ, и ден и ноќ.

Други пак, пеат за изгубените,
за блиските чија смрт
им носи тага и мака,
нивното отсуство ги мачи,
и оној што пишува
знае да пишува и да плачи.

Третите пак ја опеваат татковината
чија оддалеченост им смета
и затоа седат во тивките ноќи
и песни за татковината плетат.

А јас, пеам за мајката
што животот ми го подари
за природата во моите песни пеам
за мајката што со постоењето господари.

И кога седам во затворената соба,
каде ми фали нејзиниот мирис
посакувам да излезам надвор
за убавината на природата да ме смири.

Кога не зборувам со природата
душата тага ми ја обвзема
нејзината сила
како воздух, како вода, како леб ми треба.

Посакувам да расфучат ветиштата,
со свежина градите да ми се наполнат,
посакувам и сите цветни мириси
во душава да ми се засолнат.

Ми треба и дождот
да плаче со мене
ми треба и потокот
за песна да ме обвземе.

Ги сакам и дрвјата, и гранките и лисјата
дрвјата да шумолат
гранките на ветрот да танцуваат,
а сочните зелени лисја
по лицето да ме милуваат.

Нестрпливо чекам
да го видам глуварчето
чии цветчиња се носат
кон ведрото летно небо
и сакам да го дишам воздухот
со мирис на јоргован и шебој.

Сонцето ми треба
да ми ја подари светлината,
а душевниот спокој ми го носат
небото со свездите и месечината.

Ми требаат боите
мирисот на земја и слободата,
ми треба ЖИВОТ
што секој ден ми го подарува природата.

ЖИВО, ЖИВО БЕСКРАЈ

Желба
Гори од желба семката
низ тврдата земја да се пробие
во зелена трева да се престори
и светлината на денот да ја добие.

Пукна семката…

Соочување
Никулецот веднаш со мака се соочи
коренот кон земјните длабочини треба да го продлабочи
а стебленцето кон виделината да го насочи.

Исчекување
За на Сонце да излезе животот млад
закоравената земја треба да стане мека
дотогаш никулецот по светлина ќе пека
и дождот ќе го чека.

Заврна…

По дождот
По дождот краток, пролетен
земјата длабоко издиша,
а никулецот млад
полетно се заниша.

Раѓање
И овој никулец
болниот пат на растење треба да го мине.
Ја заобиколи и големата грутка
и ,,оп,, сонцето го виде.

Постилање
Како оваа тревка
уште безброј изникнаа
земјата ја послаа
полјаните во зеленило бликнаа.

Растење
Росата тревата ја галеше,
Сонцето ја печеше и палеше.
Храна беше за животните,
починка за пчелите и пеперутките,
живот за мравките,
другар за цвеќињата,
паша за телињата,
седенка за овчарите,
постела мека за пладнување
на коњите и воловите
жртва на косите и срповите.

Благородност
И во својата најголема болка
кога косачите тенкото стебло и го кинеа
таа сокот миризлив го ширеше
за сите што тука минеа.

Жива е?
Лежи сува, напластена
во меките откоси сено
во старата селска плевна
и мирисите нејзини
иако без животен сок
повторно сите ги пленат.

Жива е…Живее
Не, не е мртва, жива е
дотолку жива што живот подарува
храна е за животните,
со сета сласт им се дарува.

Живее, сакана е
И живее така
со среќа и мака
и можеби никогаш не дознава
дека секое живо суштество
многу, многу ја сака
како растение,
како храна.
за мирис,
за почин,
за одморање очи…

За тревата со љубов и почит.
Авторот

Сликарот-волшебник

Го гледам, небесното синило,
главата кон него ја подавам
се восхитувам како кон нешто најмило
уживам, ни одземам, ни додавам.

Тмурните облаци се разбегани
по некоја капка сеуште надолу срамежливо се тркала,
насмевката на облаците насмеани
сета тмурнина ја избркала.

Како круна, најубава најшарена,
виножитото се појавува,
на небесниот бескрај се отцртува
таа убавина од природата подарена.

Виножитото е мост најживописен,
планини, реки и долини сплотува
срце полни, душа скротува.

Воодушевен од убавата глетка
се прашувам дал сликар замавнал со четка
па направил виножито
неколку бои сплеткал.

Тогаш во главата ми клика:
нацртано е од најдобриот сликар
природа што се вика.

Божилак колоритет, убав
ретко на небото расцветува
време му треба
да ги собира боите и
во полукругот да ги вплетува.

Жолтата боја од сонцето и од млечите ја краде,
брзиот извор светлосината боја му ја даде.
Од невенот и џунџулето
портокалова боја добива
и така оди, шета, лета и бои собира.

Од силното море, темносина боја впива,
а црвената од булките во некоја ливада, нива.
Зелената од сите треви меки,
а виолетовата од јоргованите леки.

И штом собере се
го чека дождот.
Штом заврне, сончевите зраци од капките се одбиваат
и така боите на виножитото се добиваат.

Вчера ете, заврна дожд
и сонце набликна.
Виножито се подаде.
Благодарам природо,
ваква убавина што ми даде.

Изгреј!

Ја носиш светлината и топлината,
ни ја подаруваш радоста и убавината,
соновите што ноќе ги сонуваме,
ни даваш сила дење да ги исполнуваме.

Ни ја покажуваш
светлата страна на живеењето,
ни даваш можност во новиот ден
да го осознаеме постоењето.

Зракот твој е
светлост, надеж и спас,
зракот твој е
копнеж, мотив и страст.

Без тебе, денот темна ноќ ќе е
без тебе зората не ќе зазори
птицата не ќе пропее.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.