„Песни од срцата“ со Ана и Игор Дурловски и Македонската филхармонија

„Си заљубив едно моме“, „Саноќ седам, Трено“, „Разболела се Ленка Пингова“, „Што да правам, што да чинам“, „Нели ти реков, моме Донке“, „Назад, Калино моме“…, се дел од композициите кои ќе бидат исполнети на претстојниот концерт на Македонската филхармонија насловен „Песни од срцата“. На 30 октомври во Македонскиот народен театар во 20 часот, заедно со оркестарот, а под палката на маестро Борјан Цанев, како солисти ќе настапат македонските и светски оперски пејачи Ана и Игор Дурловски. Концертот, во едно поинакво руво, ќе ги донесе едни од најубавите љубовни песни од македонската музичка традиција.

„Песни од срцата“ е музички проект што во себе ги инкорпорира едни од најубавите љубовни песни изнедрени од народната македонска музичка традиција. Нивната навидум едноставна лирика, полна со скриени пораки, нивната звучна колоритност, како и силната експресија на народниот бит врежан во нашата колективна меморија, едноставно – нивната магија, овој пат ќе биде донесена во едно поинакво руво. Љубовта, онаа наивна, чиста, недопрена, онаа остварената, но и неостварената, копнежот, страста, а од друга страна зависта, па и болеста и смртта, или чувството на љубовта во сите нејзини варијанти, ќе биде испеано од славните оперски грла на Ана и Игор Дурловски, силно поддржани од оркестарот на Македонската филхармонија. Уникатноста на овој музички настан ја дава токму спојот на италијанското бел канто, со кое се посветува внимание на убавината на тонот, со звуците на традиционалната мелоритмика.

Сосема нови аранжмани на песните за оваа пригода создаде македонскиот истакнат композитор Сони Петровски, обликувајќи ги со силна креативна и творечка индивидуалност, а меѓу нив ќе прозвучат и неговото дело „Пијан танец – Пајдушко“, за првпат во Скопје, како и „Во Струга дуќан да имам“ од македонскиот композитор Панде Шахов, на кое како солист ќе настапи еден од најдобрите македонски пијанисти од помладата генерација, Дино Имери.

Режисер на проектот е Дејан Пројковски, а костимите се на Тања Кокев.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.