Промоција на книгата „Неолитски фигурини во Македонија“

Петок во 20:00 часот, Археолошки Музеј на Македонија

Во монографијата „Неолитски фигурини во Македонија“ се презентирани сите досега познати неолитски претстави на човечкото тело пронајдени на повеќе локалитети датирани околу шестиот милениум п.н.е. Во неа се обработени клучните аспекти на неолитските антропоморфни фигурини, вклучувајќи ги нивната географска распространетост, типологијата, временската припадност, техниките на изработување, иконографските обележја, како и симболичките значења што овие предмети ги содржат. Направен е широк мултидисциплинарен преглед што овозможува целосен увид во скоро сите аспекти на овие артефакти. Една од целите на трудот е да покаже дека неолитските антропоморфни фигурини и воопшто материјалната култура не можат да се истражуваат и толкуваат еднонасочно. Тие не се во толкава мера уедначени ниту стандардизирани за да се употреби општа дефиниција на нивното значење и за нивната намена. Мноштвото вакви артефакти варираат според својот изглед, димензиите, контекстот и технолошката изработка, поради што во оваа пригода им се пристапи од повеќе перспективи. Од тие причини, во монографијата се приложени различни анализи и согледувања за улогата на неолитските фигурини во првите земјоделски општества во Македонија, со што воедно се истакна нивното исклучително значење во социјалните и симболичките процеси карактеристични за заедниците кои го населувале овој простор пред околу осум илјади години.

…………

Гоце Наумов е доктор на науки и работи во Музеј на Македонија. Во центарот на неговиот научен интерес е предисториската археологија и особено неолитските општества во југоисточна Европа и Блискиот Исток. Учествувал на бројни археолошки ископувања на локалитети на Балканот, Мала Азија и Северна Америка, а раководел неколку проекти концентрирани на населбите и материјалната култура во Пелагонија. Во текот на своите истражувања соработувал со повеќе научни институции од САД, Италија, Швајцарија, Русија, Чешка, Полска, Словенија и Македонија, а има одржано предавања и излагања во Њујорк, Париз, Кембриџ, Даблин, Осло, Хелсинки, Берн, Падова, Валета, Прага, Будимпешта, Истанбул, Љубљана, Белград, Софија, Солун и други. Автор е на повеќе од четириесетина научни труда и три монографии публикувани во Европа, Австралија и Америка. За своите научни трудови добитник е на награди од Светскиот археолошки конгрес и Европската асоцијација на археолозите.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.