АВИЈАТИЧАР НА ДУХОТ (11)

ЗА ФАНТАСТИЧНИОТ СВЕТ ВО РАСКАЗИТЕ НА МИТКО МАЏУНКОВ

6) Дом, вдоменост (заштита / закана)

Би требало најпрво да се запрашаме што воопшто значи домот – тоа не е само место каде што се живее, средината што ти нуди сигурност и среќа, куќата во која го наоѓаш своето засолниште, туку е и највредното нешто во кое имаш доверба, од каде што водиш потекло, со кое се идентификуваш 23.
Вдоменоста, топлината, сигурноста се трите најчести атрибути со кои се поврзува животот. Оттаму е и проекцијата на интимните копнежи да се има дом, да си одомаќен со некого. Во расказот „Стан“ авторот од зоолошката градина бара две животни на заем: слон и мајмунче со дамки, за во двособниот стан да не му биде здодевно. Архетипот на домот и на неговата недовршеност е причина за чувство на клаустофобична несигурност и нелагодност, кога конечно некаде ќе се стационираме. Раскажувачкиот глас е оптоварен со парадоксалниот пораст на немирот, трепетот, неизвесноста, временитоста. Во тој свет можна е заканата – клаустрофобијата, па токму затоа авторот и неколку пати (намерно или не намерно!) заборава да го земе клучот од тој стан каде што треба да се всели. Со клучот може да се затвораат и отвораат врати, тој во речникот на симболи ја претставува слободата на дејствување, додека го нема клучот во расказот авторот е слободен.
Домот авторот го гледа од двата аспекта: како своја заштита и како закана. Преку животните што тој ги одбира ја воочуваме таа опозитност – добро:лошо. Христијанската традиција се однесува кон мајмунот со голема резерва, идентификувајќи го со порок, страсти, идолопоклонство, ѓаволски ереси, грешни намери. Додека слонот го носи симболот за среќа, сила, проникливост и долговечност, во христијанската традиција ја означува победата (на Христос над смртта и злото). Во завршната секвенца од расказот каде посебен акцент е даден повторно на хаосот, несреденоста на станот, Маџунков домот не го доживува како фактички простор, туку само како метафизички облик во кој смета дека не смее никогаш да му биде здодевно.
Постапка на алегориска фантастика Маџунков користи во расказот „Чистка“. Алегориското значење се изнесува во облик на поука како предупредување упатено до читателот. Драматичноста во овој расказ е поставена со првата реченица: Тогаш страдаа само невините: тоа беше некакво свето правило. Главниот лик претставува жртва на непознатата моќ, доживувајќи разни шокови и стравови, со што фантастичниот ефект се реализира во целост.
Сите необични и несватливи елементи или фактори во расказот треба да се сватат како декорација. Тука изостанува изненадување пред необичниот настан, а тоа прифакање на натприродното како природно, отсуството на чудење и изненадување во поглед на опишаниот настан, се омилени во традиционалната фантастика. Сите тие елементи истовремено се и отворени и затворени, и ограничени и бескрајни. Она што ги исполнува може да се шири, но она што ги заокружува е конечно омеѓено со почеток или крај.

23.цит. според: Јасмина Мојсиева – Гушева. „Светот како дом“ во XXXII Научна конференција на XXXVIII меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура (Охрид, 15.VIII – 17.VIII 2005). – Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, 2006, 353.

V ЗАКЛУЧОК

Митко Маџунков е како што би рекол Фројд, авијатичар на духот. Тој со својата проза се движи низ столетијата и епохите. Во неговото раскажување се присутни и рефлексиите на македонската фолклорна фантастика. Тоа се само појдовни импулси и доказ дека имагинацијата на писателот не раскинува лесно со народниот корен од кој проникнал.
Неговите раскази личат на игра во која главните актери мора нешто да изгубат, а најчесто самите себеси. Животната игра доброволно прифатена, е можност за излегување, поточно за пробивање на постојниот животен круг со рамномерни сили и поистоветување со светот на нештата.
Кај Маџунков необичното е обично, а обичното е необично. Овој раскажувач, вели Урошевиќ, умее да покаже каде може да стигне имагинацијата. Движејќи се по работ на видливото и невидливото, можното и неможното, јавето и сонот, го открива пределот на фантазијата, внесувајќи во него сопствен сензибилитет, внесувајќи во тој отворен простор своја специфичност. Во бескрајот престануваат и продолжуваат авторовите допири со еден космос во кој сè е почеток и сè е крај, истовремено. Иако тој навидум недофатлив и тешко подложлив на дефинирање поим време, во расказите на Маџунков е метонимично пренесен преку она што објективно се доживува.
Во сите свои збирки раскази, ја носи и негува таа специфична карактеристика на користење на гротескното и фантастичното, со цел да создаде еден посебен алтернативен увид во природата на реалноста, одвојувајќи се од неа преку навидум ирационални симболи и фантастични визии и слики, но успевајќи мошне функционално да ја „преврти“ таа иста реалност, повторно да и се врати и да ја оголи, успевајќи на тој начин да ги открие нејзините егзистенцијални пороци и рани, нејзиниот зачуден, несовршен образ. На алегоричен и парадоксален начин тој ги доведува во врска обично неспојливите, диспаратни елементи, особено комичното и застрашувачкото или комичното и трагичното, па така го депатетизира она што го претставува и открива во тој некој саркастичен несклад. Тие фантастични елементи се средство да се покаже една грда, несовршена, карикирана, комично – застрашувачка страна на реалноста.

VI ПРЕГЛЕД НА КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА:

УМЕТНИЧКА ЛИТЕРАТУРА

o Маџунков Митко, Над троскотот облаци, Скопје: „Мисла“, 1974
o Маџунков Митко, Мирисот на земјата, Скопје: „Мисла“, 1984
o Маџунков Митко, Меѓата на светот, Скопје: „Наша книга“, 1985
o Маџунков Митко, Парадоксален сон, Скопје: „Мисла“, 1987
o Маџунков Митко, Убиј го зборливото куче, Скопје: „Мисла“, 1988
o Манџуков Митко, Грабнувањето на Европа, Скопје: „Mакавеј“, 2008

ТЕОРИСКО – КРИТИЧКА ЛИТЕРАТУРА

o Друговац Миодраг, Историја на македонската книжевност XX век, Скопје: „Мисла“, 1990
o Ѓорѓиева Марија, Фантастиката како револт кон устројтвото на светот во расказите на Хофман и на Гогољ, Скопје: „Литературен збор 3“, 2000
o Капушевска Лидија, Во лавиринтите на фантастиката, Скопје: „Магор“, 1998
o Книжевен лексискон, Скопје: „Матица“, 2004
o Котеска Јасна, Љубовта во македонскиот фантастичен расказ, Блесок бр. 07, февруари – март, 1999 (www.blesok.com.mk)
o Коцевски Данило, Критиката како заблуда, Скопје: „Македонска книга“, 1988
o Мартиновски Владимир, Преобразбите на лавиринтот во Македонскиот современ расказ, Мираж 13, декември 2005 (www.mirage.com.mk)
o Миловска Добрила, Книжевни дејци и дела, Скопје: „Филолошки факултет Блаже Конески“, 2000
o Мојсова – Чепишевска Весна, Мал книжевен тестамент, Скопје: „Македонска реч“, 2007
o Пирузе – Тасевска Виолета, Мит приказна, Скопје: „Просветно дело АД“, 2004
o Речник на народната митологија на Македонците, Скопје: „Матица“, 2000
o Сталев Георги, Последниве сто години македонска книжевност, Скопје: „Матица“, 1994
o Старделов Георги и Георгиевски Ташко, Рецензија за прием на Митко Маџунков за член на МАНУ, надвор од работниот состав (Билтен), Февруари 2003
o Старделов Георги, Ноќен градинар, Скопје: „Култура“, 2006
o Тресидер Џек, Речник на симболи, Скопје: „Три“
o Ќорвезироска Оливера, Отвараат ли сништата работа, Скопје: „Детска радост“, 1999
o Ќулавкова Ката, Поетика на тесниот простор, Блесок (Царски рез – македонски раскази), 2001 (www.blesok.com.mk)
o Ќулавкова Катица, Копнеж по систем, Скопје: „Македонска книга“, 1992
o Урошевиќ Влада, Демони и галаксии, Скопје: „Македонска книга“, 1988
o Урошевиќ Влада, Подземна палата, Скопје: „Македонска книга“, 1987
o Цветкоски Бранко, Пластови и глас, Скопје: „Македонска книга“, 1988

VII РЕЗИМЕ:

Оваа студија зборува за метафизиката на расказите на Маџунков. По мое видување, тој го бара во нив човекот помеѓу биолошкото, психолошкото, историското и фантастиката во исто време. Во неа се потенцира неговата насушна потреба да снове, сонува и фантазира. Неговата потреба за имагинарното, несекојдневното, за чудесно бесконечното и загадочното – со што сака да го подготви читателот да го согледа идниот свет и работите на поинаков, непрагматичен начин. За подоцна тој да може да го види невиденото и невидливото, несогледливото и непознатото, недофатливата, темна внатрешност на битието и динамичната многустраност на егзистенцијата, стварноста надвор од вообичаените, сериски и рутински облици. Така упатувајќи го во еден нов, космички социјабилитет, да запознае и да прифати нова етика, свест, и нов поим на човекот и човечноста.

SUMMARY:
This study talks about the metaphysics of the Madzunkov ‘s stories. By my opinion, in these stories he is searching for the man between the biological, psychological, historical and fantastic at the same time. In this study is accentuating his need to imagine, dream and to fanaticize. Man’s need for the imagination, the unusual, the infinitely extraordinary and mysterious – he wants to prepare the reader to perceive the things and the future world in a different, unpragmatic way. Later he would be able to see the unseen and the invisible, the distant and the unknown, the intangible, dark inside of the being, the dynamic existence, seen by different perspectives and the reality, outside of the usual, serial and routinely forms. That way, he presents him the new laws of the universe, to meet and accept new ethics, awareness and new understanding of the man and the humanity.

Крај

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.