ЧОВЕК, ФАБРИКА, ПОМЕЃУ

Ведрата природа на Глигор Кузмановски се одразува во неговите креации, а мекоста на материјалот (дрвото) што најчесто го користи му овозможува со леснотија и без ограничување да ги обликува своите идеи пробивајќи ги границите на вообичаената перцепција на накитот. Неговите вешти раце дрвото го претвораат во мали уметнички дела на кои, изработувајќи ги со голема љубов, досетливост и со исклучителна минуциозност, им вдахнува душа. Секое парче дрво се преобразува во уникатен накит кој добива живот и започнува да раскажува своја приказна. Со делкање, врежување, перфорирање, полирање, боење, често и со додавање на друг вид материјали, тој создава мали носливи скулптурални дела, а една од неговите претходни серии накит во вид на куќи наликува на минијатурен имагинарен град.
Инспирацијата ја црпи од своето опкружување, од природата, пријателите, љубовта, но и од уметноста, особено имајќи предвид дека тој по образование е историчар на уметност. Обетките, прстените, ѓерданите, брошевите и друг вид накит, најчесто се минијатурна транспозиција на секојдневни предмети кои добиваат сосема ново значење. Во нив секој може да пронајде дел од себе, но да им придодаде и други значења, поинаква интерпретација и да ги дополни со свои интимни приказни.
Со новиот концепт авторот ни разоткрива една поинаква душевна состојба, подлабоки размисли и нè внесува во сосема нова приказна во која провејува и мала доза на меланхолија. Овие дела покажуваат поголема сериозност и зрелост, како во осмислата, така и во изведбата, наспроти игривоста присутна во неговите претходни остварувања. Со алтернација на минималистичките облици, монохромноста и инкорпорирањето на металот, кожата, врвките (читај, „каблите“), тој успешно го доловува мрачниот и ладен амбиент на фабриките. Од друга страна, пак, на нив им се спротивставува со меките облици и топлината на дрвото, постигнувајќи префинета рамнотежа помеѓу материјалите и формите.
Во самиот назив на изложбата „Човек, фабрика, помеѓу“ се насетува неговото гледиште на современото општество, како реакција против масовната продукција, конзумеризмот и рутинираноста. Истовремено, тој го изразува отпорот човекот да се претвори во машина, трагајќи и изнаоѓајќи го тоа што е помеѓу. А што е помеѓу? Оставаме тоа да го откриете на изложбата која ја проширува и менува дефиницијата за накитот и каде вљубениците во вакви дела, меѓу кои сум и јас, ќе имаат можност да ја дополнат својата колекција со нови парчиња убавина.

Јехона СПАХИУ

11202585_10153755470150480_954954452009108654_n

Утре во 20:00 часот, Concept 37 – Скопје.


Музика + видео : Доротеј Нешовски
Фотографиja : Ана Лазаревска
Модели :  Марија Николовска, Тања Ооае

Проектот “ЧОВЕК, ФАБРИКА, ПОМЕЃУ” е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија

12346555_10153747915960480_7363019372992650634_n
Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.