ПОСЛЕДНОТО ЕСЕНСКО ТАНГО (1)

Пред нас е новиот Шекспир, кој отуѓен од светот го пишува својот роман, првенец… Имам чувство дека се ќе биде добро, тоа е некое шесто сетило, не знам ниту јас… Погледни ме. Се би дал да можам да ти влезам во главата и да ти ги прочитам мислите.
-Нема тука ништо вредно да се трудиш, тоа ти го гарантирам.
-Сигурен сум дека ќе добиеш инспирација за својот роман.
-Не ми недостасува инспирација, туку волја… Снага, разбираш?! Немам повеќе снага да живеам, да пишувам, немам снага за ништо.
-Добра ноќ.
-Добра ноќ.

***

Чуден шепот во тишината…
Јужниот ветрец го игра своето
последно есенско танго…

Две сенки
се губат во мракот…

Следи го и ти своето срце,
неговиот сјај нека те обвиткува!
Со љубовта започнува
екстазата на бесмртноста….

***

1.

Виор од болка и тага, одвреме – навреме ја допираше мојата душа. Таа вечер оставив зад себе порака: Збогум!… Изостанаа моите соништа за неостварените будења на неговите рамења.
Овенаа ружите на мојата перница. Последната со солзи ја заливав. Шетав сама, понекогаш го сретнував низ градот и со тоа ми се враќаше вербата во животот.
Стоев на граница помеѓу две работи, двe места, различни патишта, без ниеден одговор за во иднината, само сегашноста… Се мислев на каде да појдам…. Знаев дека и да погрешам нема да се каам… Знаев дека однесена со виорот секогаш бев и ќе бидам. Ни самата не знаев утре што ме чека, мојот живот зависеше целосно од мене. Не бев премногу загрижена што ќе речат другите. Го правев токму она што мислев дека е правилно. Знаев дека не ретко луѓето се чудат на моите зборови. Ме гледаат љубопитно како да се обидуваат да откријат што се случило во моето минатото, иако ретко се обидував тоа да им го раскажам. Бидејќи токму тогаш го поминав најубавиот дел од својот живот.
Не чуствував дека треба да го сторам тоа, доколку не го раскажам на свој начин, а тоа би траело подолго отколку што повеќето луѓе се расположени да слушаат. Но, некако не се ни грижев што ќе речат другите, зашто знаев, ретко кога некој ја кажува вистината. Не секого му е чиста душата… ретки се тие луѓе. Ги гледав како тонат во своите лаги и превари, но не се обидував да го изменам тоа. Ни најмалку не допираше до мене. Го гледав градот озгора…. многу работи се променети. Градот се изменил, јас се изменив, но воздухот остана ист… и…
Последното есенско танго во Скопје…
… и мирисот на есента носеше новости кои будеа чуства во мене. Но, не сакав да зборувам ни за нив. Останав како затворена школка на која сите и се чудат…
Деновите со сонце се вратија, но овој пат, обоени со шарени цвеќиња и топлината на радоста. Саканата личност ја заменив со странец кој не му беше сеуште познат на моето срце, но си дозволував поубаво да ја спознаам неговата убавина и да ја залечам раната која сеуште ме печеше.
Животот е скалило и никогаш не сме постојани, а ниту сигурни во она што го правиме. Успехот е одлика на храбрите, на оние кои имаат сила да се борат со сî во животот, си велев.
Со него сî беше некако прекрасно и ми се враќаше вербата во животот.
Есента штотуку стасана…. време беше за нови радости, радости слични на оние во детството.

(продолжува)

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.