ПОСЛЕДНОТО ЕСЕНСКО ТАНГО (2)

2.

Детството велат дека е најубавиот дел од животот за секој човек. Додека си дете ти си палаво јагненце што во секој момент е припиено до својата мајка. Додека си дете, ти си нежно цвеќе, бела роза што рони солзи кога ќе сфати дека некој ја повредил нејзината убавина. Тогаш кога розата ќе процвета и од пупка ќе прерасне во цвет ќе свене и нечие палаво детство. Тогаш младоста ќе го заземе местото на детството, а тоа ќе отпатува и понекогаш само преку спомените се враќа. Невиноста е највредната работа која ја имаш кога си дете. Ако ја изгубиш, ќе ја изгубиш и душата.
Кога и да застанам покрај патот ја здогледувам истата птица како прелетува, ме маѓепсува со нечуен трепет… зар има нешто што сака да ми пренесе…? Кога и да се вратам сивилото останува, а сини капки се ројат од небесната пустина… Запира здивот на секој жив човек… зар крајот е тука…? Нема ни солза, светлина во волшебниот мрак кој пишти… и се загнездува во секоја душа… Болка и трепет се забележува во срцата на замаглените лица… Времето застанува, а солзите паѓаат над тврдата земја како зрната од песочниот часовник. Знам, отпливувам по водите на….!
Се присетувам на една индиска суфи приказна за четворица слепци затворени во една просторија, со задача да опишат што е слон. Секој од нив стоел до различен дел од слонот и по тоа описите за слон се разликувале еден од друг, како што детството на сите деца не е исто, не се исти и нивните желби.
Како и сите деца и јас имав свои желби. Постојано бев со своите пријатели и навистина ги имав многу. Поставував прашања за другите луѓе и ме интересираше нивниот живот. Во подоцнежните години кога почнав веќе да созревам, почнав и да се пронаоѓам во некои од нивните одговори и да размислувам за нив. Секое лето чекав со занес на принцот што ќе стаса на бел коњ, за да му подарам насмевка. Принцот по бакнежот, се претвораше често во трауматичен херој од некое локално постоење. Знаев дека доаѓањето на принцот е долгорочна работа. Во мислите животот ме носеше на своите крила, во различни предели…
Моја најдобра другарка беше Марија, која живееше во мојата улица. Се познававме и се дружевме уште од мали. Како растевме, растеше и нашето пријателство и се повеќе го поминувавме времето заедно. Нашите разговори обично траеа долго. Секогаш имавме за што да разговараме.
-Имам тајна!
-Да?
-Сакаш да ја слушнеш?
-Секако!
…Се смеевме…
Иако луѓето велат дека штом човек ја каже својата тајна на некого тоа веќе не е тајна. Ние не се согласувавме со тоа, во длабочината на нашите души тајните беа заклучени со волшебен клуч, на сигурно оставени, а клучот го имавме само ние – тоа беше нашето пријателство. Велат дека човек не е ништо без својата земја. Земјата е самата човечка душа. Но, душата ја одржува во живот само пријателството.
Честопати по вечерата го правев мојот омилен колач, а Марија ми помагаше.
– Една лажица путер, две шољи пченично брашно, глазура со кокос која мора да се мати одвоено… Кога ќе ме погледнеш, никогаш не би рекла дека сакам слатко, нели? Не сакам многу солено, но слатко… Обожавам да ги излижам лажицата и прстите! Дното на тенџерето ми е најслаба точка. Татко ми вели дека сум дно на тенџерето. Тоа ти е дете кое се раѓа кога родителите се веќе постари. Луѓето го викаат “дно на тенџерето”. Знаеш како се вика овој колач?
– Не.
– Нема да ти кажам.
– Зошто?
– Што зошто?
– Зошто нема да ми кажеш?
– Ти реков: “Нема да ти кажам”. Будалче! “Нема да ти кажам” е името на колачот. Сфаќаш?! Мама ме научи да го правам, а неа ја научила нејзината мајка, а неа нејзината мајка, а неа нејзината мајка… и се така по ред. Успеваш ли да ме следиш?
– Се трудам.
– Овој колач кој преоѓа од мајка на мајка станал некој вид на наследство и семејна тајна. Уште кога некој првпат го пробал првото парче и прашал за името на колачот, прабабата на прабабата на прабаба ми одговорила: “Нема да ти кажам”. И така, под тоа име, преоѓал од генерација на генерација.
Марија си отиде дома откако го проба колачот што го направивме, а јас се затворив во мојата соба. Размислував за многу нешта. Се потсетував на денот кога го сретнав Тони, денот кога тој загосподари со мојот ум и го зароби моето срце.

(продолжува)

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.