„Принцезата на хармоника“ Ксенија Сидорова со Македонската филхармонија

За прв пат во Македонија, гостува врвната уметница од Латвија, Ксенија Сидрова на хармоника!
На 1 декември во Домот на АРМ во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи симфониски концерт под наслов „Алхемија“, на кој како солист ќе се претстави „принцезата на хармоника“ Ксенија Сидорова која се смета за водечки амбасадор на хармониката и за една од најатрактивните млади музички уметници денес.
Ксенија Сидорова ќе го изведе популарниот Концерт за бандонеон од таткото на новото танго, аргентинскиот композитор Астор Пјацола, кој премиерно ќе прозвучи во Македонија.
Диригент е фантастичниот Даниел Рајскин од Русија, а на програмата ќе бидат изведени и симфониската поема „На бреговите на реката Сент Морис“ од канадскиот современ композитор Жак Ету, дело кое исто така ќе ја доживее македонската премиера, како и егзотичната Симфониска свита „Шехерезада“ оп.35 од Николај Римски Корсаков.

Маестро Даниел Рајскин (1970), син на познат музиколог, пораснал во Санкт Петербург каде што музиката одиграла важна улога во неговиот живот. Во музичко училиште се запишал на шест години, а студирал виола и диригирање во славниот конзерваториум во родниот град. Неговиот учител Лев Савич го инспирира да навлезе во светот на диригирањето, а потоа Рајскин се усовршува со влијателни имиња како Милан Хорват, Марис Јансонс или Нееме Јарви. На 20 години ја напушта Русија продолжувајќи да студира во Амстердам и во Фрајбург, за многу бргу да стане еден од најбараните виолисти во Европа, како солист, но и како камерен музичар. Познат е како предводник на младата генерација музичари, ставајќи голем акцент на неговите толкувања за музиката, кои ги прави на мошне транспарентен начин, откривајќи ја структурата на едно дело до сите детали, наоѓајќи го поттекстот, вистинската рамнотежа на звукот и енергијата што ја поттикнува кај изведувачите. Од 2005 година, Рајскин станува шеф-диригент на Рајнската филхармонија, а од 2008-та на филхармонијата „Артур Рубинштајн“ во полскиот град Лоѓ. Неговите ангажмани како гостин-диригент се многубројни, патувајќи низ Европа и Азија, вклучувајќи ги и Белградската филхармонија, Естонскиот национален оркестар, Хонг Конг Синфониета, Националниот оркестар во Латвија, оркестарот „Моцартеум“ во Салцбург, филхармониите на Копенхаген, на Прага, оркестарот на Радио-телевизијата во Даблин, Радиосимфонискиот оркестар на Чешка, Загрепската филхармонија, симфониските оркестри на Виена, на Берлин, итн. Познати се неговите ангажмани и како диригент на опери, вклучувајќи ги и редовните настапи со „Кармен“ за холандската компанија „Opera Zuid“ во режија на Каликсто Биеито (2006/2007) или „Нос“ од Шостакович во Државниот театар во Кобленц (2010). Рајскин соработува со врвни уметнички имиња какви што се Иво Погорелиќ, Џулијан Рахлин, Миша Мајски, Ланг Ланг, Мидори, Даниел Милер-Шот…
„Принцезата на хармоника“ Ксенија Сидорова (1988, Латвија) се смета за водечки амбасадор на хармониката и за една од најатрактивните млади музички уметници денес. Критиката ќе ја опише како „врвна, суптилна и виртуозна“, како „неверојатно успешен уметник“. Љубовта кон хармониката ја наследила од својата баба и генерално од фолклорната традиција на својата земја. Инструментот почнала да го изучува на осумгодишна возраст заедно со Марија Гизеле во нејзиниот роден град Рига. Потрагата по новите музички изрази, љубовта кон класичната, но и кон современата музика ќе ја однесат во Лондон, каде што студирала и магистрирала на Кралската академија за музика под менторство на проф. Овен Мареј. Во 2009 година го остварила дебито во „Вигмор хол“ во Лондон кога ја оцениле како вистинско откритие во музиката. Во 2012, пак, Сидорова е првиот добитник на Меѓународната награда на Фондацијата „Брин Терфел“, за во 2015-та да настапи во „Ројал Алберт хол“ како дел од прославата на 50-тиот роденден на познатиот велшки баритон Брин Терфел, на иста сцена со Стинг, а во изведба на верзија на хитот „Роксен“. Редовно соработува со значајни музички имиња какви што се Никола Бенедети, Милош Карадаглиќ, Хуан Диего Флорес, Томас Гоулд, и особено со Ави Авитал на мандолина и перкусионистот Итамар Доари, со кои го сочинуваат триото „Between Worlds“ настапувајќи на турнеи во Британија и во Германија, а годинава и во САД. Сидорова постојано настапува како солист со престижни симфониски оркестри и диригенти. Нејзиниот последен албум од 2016 година насловен „Кармен“ и издаден за „Дојче грамофон“, е интересна верзија на истоимената опера на Бизе. Ги содржи едни од најпопуларните мелодии со заводливи аранжмани, а и самата Ксенија изјавила дека се поистоветува со ликот на Кармен и дека на овој албум, таа „пее“ со поинаков глас. Доделена ѝ е диплома од Кралската академија за музика за значаен придонес во музиката. Репертоарот на Ксенија Сидорова е широк, иако повеќе се фокусира на современите дела. Вели дека нејзината мисија е да ја доближи хармониката до пошироката публика.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.