Критична маса #58: Деавтомобилизација

Ни треба деавтомобилизација на начинот на кој се гледа на градот, на кој се гледаат улиците.
Сакаме пешакот, точакот, јавниот превоз да се на прво место како поефикасни (според број на луѓе кои можат да се превезат во одреден простор), како поздрави за луѓето и животната средина, како решение за многу од градските проблеми: метеж, бучава, неактивен начин на живот, загадување.
А колата после нив.

Ни треба деавтомобилизација на тротоарите и пешачките зони. Да не се толерирани паркинзи, туку она што реално треба да бидат – пешачки патеки, јавни простори со човекот во центар.

Ни треба деавтомобилизација на Водно, на парковите, на кејовите. Тоа не се места за бучава, за издувни гасови, за окупирање на простор со возила. Тоа се парчиња природа кои ако сакаме да ја задржат својата вредност, мора да ги деавтомобилизираме!

Ни треба деавтомобилизација на навиките, да не биде најкомотен начин да се оди до продавница со кола… Да се направи градот привлечен кратките патувања да се прават пеш без мал милион пречки по патот! Туку напротив, брзо и пријатно да се стигнува пеш и на точак, дури и побрзо отколку со кола!

Ни треба деавтомобилизација на односите во сообраќајот. Во врвот на пирамидата на значење да биде пешакот, па велосипедистот, па возачот. Треба возачите да ги сочекуваат послабите да преминат улица, а не обратно.

Ни треба деавтомобилизација на културата, да не го гледаме како нормално блокирањето на целиот град од коли, туку да побараме поквалитетен град за живеење, со слободни проодни простори каде ќе се осеќаме како ЛУЃЕ и ќе уживаме во градот.

Ни треба деавтомобилизација на планирањето. Кога сакаат да го решат проблемот со гужвите со коли, сообраќајните инженери да не посегнуваат кон ширење на булевари со нови ленти за коли, кон надвозници среде центар на град, кои ќе привлечат нови коли, а ќе ги демотивираат другите начини на превоз, туку да се размислува поодржливо, посвесно, мултимодално. Место булевари со 6 ленти за коли, да имаме булевари со 2 ленти за коли, 2 ленти за брз јавен сообраќај, 2 ленти за точаци, 2 ленти за пешаци, 2 ленти за зеленило.

Ни треба деавтомобилизација на политиките. Сакаме од кандидатите за градоначалници на претстојните избори да добиеме поодржливи решенија за Скопје, не автодроми.

На крајот на краиштата ни треба деавтомобилизација и за почист воздух.

Не го негираме автомобилот и придобивките во одредени ситуации, но мора да го потиснеме од приоритетното место ако сакаме да живееме како луѓе. Луѓето треба да се на прво место, квалитетот на живот во Скопје треба да е на прво место, а не автомобилите.

Секој човек на прво место е пешак, а потоа сè друго. И возачите до својот автомобил стигнуваат пеш. И оние кои користат автомобил не можат да стигнат како ЛУЃЕ до своето возило од премногу автомобили.
Автомобилите треба да бидат третирани како средство кое треба да им служи на луѓето, а не луѓето да бидат робови на автомобилите како единствено ефикасно превозно средство во Скопје!

Сакаме град кој нуди можности за движење на различни начини и кој нуди достоинствено движење за сите!
Не ни требаат нови ленти за коли, булевари без велосипедски патеки и зеленило…

Ни треба храбра и одлучна ДЕАВТОМОБИЛИЗАЦИЈА!

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.