Далечини од Горана Митровиќ

Поетска вечер по повод третата поетска збирка „Далечини“ од Горана Митровиќ. Во просторот ќе бидат изложени и нејзини графики.
Ќе читаат македонски актерки и актери: Славиша Кајевски, Гораст Цветковскиi, Софија Насевска, Арна Шијак, Никола Ацески, Драгана Левенска и Даријан Петров.
.

КРСТ ИЗДЕЛКАН ОД СРЦЕ И МИСЛА
Проклето тешко е да се пишува постмортем за поезијата на Горана Митровиќ. За последниот поетски ракопис на Горана „Далечини“, хронолошки протегајќи се некаде од февруари 2016 год. па до 2 август 2017 год., еден месец и четири дена пред нејзината прерана смрт која ни го одзеде здивот на сите кои ја познававме, неа или нејзината поезија. Лично ја сретнав Горана само еден единствен пат и во душата ми остана нејзиното русокосо главче полно сончевина кое потполно се вклопуваше во мојата претстава за неа уште во мигот кога ми напиша: Своето срце секогаш го следам, но тоа може да биде уште подобро ако ја надградувам мислата :). Далечините на Горана Митровиќ се крст изделкан од срце и мисла, совршено уметничко и човечко дело кое ги надминува и уметникот и човекот. Во онтолошка смисла не верувам во смртта на Поетот/Поетесата. Физикусот, пак, телото е а приори смртно и за тоа е свесна и поезијата на Горана. Стравот и храброста на нејзината поетска маса постојано фатени во костец изнедриле стихови од кои избива емпатија, свесност за сѐ, слобода на мислата, разобличување на смислата. Во секоја нејзина песна боли свеста/свесноста за сопственото оддалечување од животот кога животот е и најмногу присутен во сепството на човекот. Да се напише:„Заминав на пат/а понесов со себе/сѐ што посакував/да ме задржи овде“ е „величествено и/ истовремено до болка тажно“. Просто зачудувачки е колку љубов има во стиховите на Горана кон сѐ и кон сите, за инает дури и кон сопствената смрт: „Ѝ велам ‘и јас те сакам тебе’,/свесна дека само љубовта е купола/љубовта е време, сила/низ која ‘таа’ не може да продре“. Токму Времето во сите негови облици е главен мотив во последните песни на Горана Митровиќ: како носечка оска на животот и смртта, како сведок на „евтините приказни“ на светот, како реминисценција и иднина („која трпелива чека на мене“), како сопствена релативизација („не мислам на снемување/- празнината е полна“), како не-постоење кому поетесата на крајот достоинствено и решително му се обраќа: „Ти не си моето време/ Ниту постоиш во мене/Зашто јас ниту сум се родила/Ниту ќе умрам“. Далечините на Горана Митровиќ се наследство што таа ни го остави, вечноста за да им биде на дофат и на срцето и на мислата и за да ја читаме нејзината поезија – жива и трајна, толку блиска и блиску до секој човечки живот.
Лидија Димковска

ПОЕТСКИ СТРИПТИЗ
Зошто поетските книги мораат да се стават во некој жанровски калап? И зошто поетите мораат да се споредат со некои други поети? Секој од нас е единствен, уште од раѓање различен. Токму затоа, песните на Горана се неспоредливи со ништо и никого. Напишани вомомент на длабока контемплација, на поетеса свесна за вистинскитеживотни вредности, која правејќи поетски стриптиз ги отфрала излишностите по кои трчаат сите, се ослободува од материјалното, се соголува до гола кожа, до чистата вистина, до коскената срж на постоењето. „Го гледаш ли ти ова?/евтини мисли, шупливи повторувања… се гадиш ли од/ сите тие безбројни површности/ кои како да ѝ се потсмеваат на длабочината/ и на самиот живот“ – пишува Горана во песната „Евтини приказни“. Си ја замислувам, искачена на врвот на својата творечка и животна зрелост, како гледа кон лигавата маса на површноста, не со презир, туку со жалење. Горана е поетеса со изграден и препознатлив стил. A стилот е најважен, човек без стил е безличен („Јас сумчовек на стилот. Стил, по ѓаволите, сите застануваат пред него, никој не пристапува“ – Луј Фердинанд Селин). Со мелодија од која пее главата, со ритам на џез тапанар, со луцидност, со неселективна и потресна искреност. Но овојпат песните како да истрчале од неа, еруптивно, како да не можела да ги сопре емоциите кои исчудуваат со незабележани очигледности, кои нè потсетуваат на недоживеаното, а вродено. Добрите песни се пишуваат сами, небаре ги диктира некој. Такви се нејзините, едноздивки напишани од прва, без шминкање, без поетски украси, без одвишни стихови. Поетската збирка на Горана е, пред сè, книга за љубовта кон животот, на човек кој стои на работ, над провалија. Без ронка патетика, напротив, проткаена со оптимизам. Попрво книга за радоста на живеењето, отколку за смртта. Книга-светилник „… исправен/ со снопот надеж/ за залутаните“, и како да ни вели: Живејте го животот со полни едра и сакајте се безрезервно! Песни за слободата – на мислата, на изборот: „го љубам секој свој чекор,/ секој животен прекор,/ секоја мисла слободна,/ секој километар надминат страв“ (од песната „Мојот пат“). Песнизапатувањата(„секојапоминатаграница/носиослободување и/ можеби илјада причини/ за невраќање“), и откривањето нови предели на пат кон некој понов предел. Со полни дробови, со полни очи, небаре сакала сета таа убавина да ја понесе со себе на некое друго место, на некое друго патување. Височините на Атос, морето, плажите, небото како метафора на слободате, на бескрајот, но и какоможно идно прибежиште.Песни полни со мирис на пролетни утра и будењето во нив. Да, радоста на будењето наспроти фактот дека еден ден нема да се разбудиме. Песни за помиреноста со извесноста, за болничките несоници. Особено се силни оние во кои доминира љубовта. Љубовта кон саканиот, но и кон светот несовршен, кон блиските, но и кон целото човештво. „Имам љубов за во вечноста,/ доволна во сегашноста, блиска/ од минатото“ (од песната „Ооо, љубави“). Велат дека добрите четива се читаат во еден здив. Ова, напротив, се чита дозирано, со долги паузи после неколку песни – затоа што мава, гори, гризе од искреност до болка. Книга што ја раскопува утробата и тера на преиспитување. Книгашто ќе го победи времето.
Јовица Ивановски

Повеќе на следниот линк

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.