Црквите посветени на Св. Никола, во село Љубанци и неговата близина

Во подножјето на Скопска Црна Гора, се сместени поголем број села, меѓу кои е и селото Љубанци. Во негово соседство се Љуботен на исток, Кучевиште на запад и Бродец на север. Средната надморска височина е 600м. Од Скопје е оддалечено околу 10 км. Според проучувањата е докажано дека сите села се основани во VIII век. Најновите археолошки истражувањa покажале дека во доцновизантискиот и рановизантискиот период имало интезивна градежна активност, особено по катостофалниот земјотрес во 518-та година, во времето на римскиот император Јустинијан Втори. Сѐ уште се видливи остатоци на градби од згради, цркви и гробишта. Жителите на Љубанци, па и другите села при копањето на двориштата наоѓаат остатоци со латински натписи. Во месноста ,,Манастириште’’, на пример имало манастир чија црква го носела името на Св. Никола. Тој манастир често бил ограбуван од населението од с. Брест. Сега таму има остатоци од керамика и камења. Сред село има црква која го носи истото име, изградена е во XVI век, време кога е изградена и џамијата Јаја Паша во Скопје. Црквата е изградена на темелите на постара црква. Има живопис од 1847 година, но и нов од 1881 година. За оваа црква е врзана една политичка верзија; во 1930 година кралските власти донесуваат наредба, оваа црква да се затвори односно да не се врши богослужба, а жителите на Љубанци да одат во црквата во соседното село Љуботен, источно од Љубанци. Црквата исто така е посветена на Св. Никола. Таа е од XIV век, изградена од некоја си г-ѓа Даница. Така, жителите на Љубанци ни криви ни должни, од сите возрасти па и бебиња, пешачеле тур-ретур по летни горештини и зимски студови, да се помолат на Бога. Тоа траело цела деценија, до пред Втората светска војна, кога црквата во Љубанци пак си ја вршела својата должност. Последното ,,Живеалиште’’ на Св. Никола е цркавата во манастирот Св. Никола 2 км над селото во планината. Тој е женски манастир и тука има мала приказна, а тоа е дека овој објект е изграден од градежен материјал од спомнатиот манастир од месноста ,,Манастириште’’. Љубанци е распослано во долината на ,,Љубанска Река’’, од двете страни. Тоа е стариот дел, а новиот е распореден, пред се од двете страни на патот кој води кој село Љуботен, на исток, кон Побожје и Кучевиште на запад и кон селото Радишани односно Скопје. Сите градби се нови современи.

И во селото и околу, измешано има бројни викендици на скопјани. Куќите во стариот дел се збиени, една до друга, од камен и ќерпич, со мали дворчиња, за разлика новиот дел каде дворовите се широки и со градини. Во ,,Турско’’ изградени се неколку маркантни градби, кои претставуваат ремек дело на македонската средновековна архитектура. Меѓу нив најзабележителна е ,,Кракловата куќа“- таа има своја историја. Имено сопственикот бил во туѓина на печалба. Се ,,опарил’’ и решил да изгради нешто посебно, меѓутоа, тој бил со ,,истенчен’’ вкус и често доаѓал да види до каде се мајсторите. Притоа, нешто не му се допаѓало барал од мајсторите да уриваат и наново да градат. Освен тоа тој на мајсторите им забранил тука во близина да се мијат и бањаат во реката (Љубанска) и ги терал да одат мошне далеку под селото на Тученска река. Сето тоа малтретирање и понижување создало револт кај мајсторите и тие почнале да го колнат: ,,Да даде Господ никој никогаш да не влезе во куќата!” И, така станало, никој во таа куќа не живеел. И, денес, таа убавина за своето време, гордо го дочекува самотна утринското планинско сонце. Во Љубанци, сред село има чешма, од неа полнат вода дури и граѓани од Скопје. Веројатно е лековита. Љубанска река го сече стариот дел на селото и продолжува надолу кон селото Радишани. Интересно е што таа, на едно место, летно време пресушува. Но, тоа е привидно. Понирајки некој километар, таа се јавува повторно со своите бистри води, но веќе како ,,Радишанска Река‘’. А пред Скопје го добива името Серава која некогаш течеше сред стариот дел на Скопје. Денес е свртена над Скопје и во Вардар се влева како ,,Момин Поток’’. Уште пред Втората светска војна љубанскиот регион е прогласен за место со специфична микро клима. Затоа во близина на манастирот над Љубанци имало објекти каде се лекувале градоболни. По ослободувањето имаше бараки во кој летуваа скопските деца. Денес таму има модерна зграда, со исто таква кујна, за жал малку се користи. Куриозитет, како одраз на микроклимата, веројатно е и тоа, тука во Љубанската планина вирее костеновото дрво, единствено во целиот Скопскоцрногорски регион. Бербата на костенот за љубанчани е вистински празник, жителите сите во еден ден одат на берба. Во културно забавен поглед жителите на ова село не изостануваат. И тие имаат свој карневал, кога учествува целото село но и многу пристутни од Скопје. Исто се случува и со селскиот верски празник, се слави ,,Летен” св. Никола. И пак со многу броен народ од секаде. Во селото работи осум годишно училиште (Гоце Делчев), но специфично е што во состав на училиштето има и училишен интернат со кујна. Неможно е да не се спомне дека Љубанци во месеците пред ослободувањето на Скопје било седиште на повеќе политички и воени установи. Тука работела ,,Партизанска болница‘’, било седиште на Командата на скопското воено подрачје, формиран е и работел извесно време Околиоскиот комитет на СКОЈ. Така селото дал добар придонес за почетокот на работа на новата власт…

Не случајно оставив, на крај да изнесам и некои, поситни специфичности, поврзани со местоположбата на Љубанци. Имено, од новоит дел на селото, се простира извонреден поглед, скоро кон целата Скопска котлина, почнувајки од високиот Љуботен, Шарскиот масив, до недоглед, Сува Гора, Водно, Китка и Солунска Глава па се до Катлановско брдо со многу села блиски и далечни. И ако дење, намерникот може да се насладува на широката панорама и магливите далечини, тоа ноќе го заменува волшебноста на светлините во селата и градот: на широко и височина. И, една ретка појава, во викендиците над селото, кај игралиштето, кои имаат чардаци, летно време може да се доживее несекојдневен настан. Кога ќе наиде осамен дождовен облак, и од него започнуваат да паѓаат крупни капки кој можат да се видат како паѓаат од добра височина, личат на сјајни бисери осветлени од сончевата светлина, во позадината. Тоа е волшебно! Но, ако паѓа град тогаш чисто се гледаат ледените топчиња кој како да се натпреваруваат кое поскоро ќе падне на земја и ќе направи штета. Сѐ тоа е придружено со злокобно бучење – застрашувачко. (Доживеано од авторот на овој текст!)… Ете, тоа се уникатните и интересни нешта што се сретнуваат во селото Љубанци.

Заштитени авторски права © Ристо Ќортошев. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност. 

Фотографиите се превземени од WikiPedia

Share Button