За време на Меѓународниот саем на книгата во Пекинг ОСНОВАНО ЗДРУЖЕНИЕ НА ИЗДАВАЧИ 16+1

Со посебна церемонија, додека истовремено се одржува Меѓународниот саем на книгата во Пекинг, денес во Пекинг беше основано Здружение на издавачи 16+1, како составен дел од рамката за соработка меѓу Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа.
Претставник на Македонија во ова здружение е Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“, чиј основач и управител Нове Цветаноски, денес присуствуваше на церемонијата на основањето во Пекинг.

Здружението има цел да ја промовира издавачката соработка и културната размена меѓу Кина и Централна и Источна Европа. Неговото основање е под покровителство на кинеската влада, а освен 16-те издавачи од исто толку земји од Централна и од Источна Европа, во алијансата членуваат и осум кинески издавачи кои се меѓу најголемите издавачи во Кина. Членовите на Алијансата денес потпишаа заеднички документ – декларација, според која Здружението ќе воспостави комуникациски механизам и ќе служи како платформа за соработката во издаваштвото и културните размени меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Тоа ќе ги охрабри издавачките организации од двете страни да учат едни од други и да работат заедно на проекти од заеднички интерес. Здружението ќе работи на подобрувањето на комуникацијата меѓу членовите за споделување на ресурсите и комплементарните предности; на олеснувањето на размената и трговијата со авторски права; како и на проширувањето и интегрирањето на маркетиншките канали со цел да се локализира продажбата и промоцијата на книгите.
Инаку, „Македоника литера“ последниве две години има сè поинтензивна соработка со кинески издавачи, а како резултат на таа соработка веќе се објавени неколку дела од кинеската литература. Годинава тој број треба да изнесува дваесетина книги од кинеската литература, филозофија, научна мисла и културна традиција.
Во март годинава, „Македоника литера“ потпиша договор со кинеската издавачка куќа „Делфин букс“ за формирање заедничка редакција за кинеска литература на македонски јазик, кој ќе функционира во рамките на „Македоника литера“, а според кој годишно ќе објавуваат неколку десетици книги. Двете издавачки куќи имаат заеднички план да објавуваат книги на тема Кина, кои се специјално наменети за македонските говорници, вклучувајќи ги и книгите за кинеската култура, кинеската литература, книги за деца и млади, итн., со цел да се зајакне разбирањето на македонските читатели за Кина, како и подобрување на меѓукултурната комуникација меѓу Кина и Македонија. Оваа иницијатива ќе има значаен придонес во присуството на преведена кинеска литература во Македонија, која досега беше симболично застапена и покрај богатата и долга кинеска традиција и култура, како најстара жива цивилизација.

Вчера на Меѓународниот саем на книгата во Пекинг и на првите работни средби на новоформираното здружение – 16+1, „Македоника литера“ договори неколку нови проекти за соработка со кинески издавачи и потпиша неколку договори за проекти што треба да се реализираат наредната година. Договорената соработка, меѓу другото, предвидува преведување и објавување на дела од македонски автори во Кина, и тоа не само дела од уметничката литература, туку и од областа на науката, културата и уметностите.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк