Претстава „DELIRIUM TREMENS“

Денес (24 јули) во 21:30 во Н.У. Центар за култура “Браќа Миладиновци” – Струга ќе се одигра монодрамата D e l i r i u m t r e m e n s од Благоја Ристески – ПЛАТНАР.

Актерска игра и режија:
СЦЕНСКИ РАБОТНИК – Игор Трпче

Музика:
Артист: Димитар Ѓорѓиевски – гитара,бас, вокал;
Драматург: Менде Костоски – хармоника и пијано;
Келнерот: Бојан Андревски – перкусии и тапани

Состојбата на свеста опфатена со реторичката фигура Sobria ebrietas, воведена од Св. Августин, клучна за разбирање на мистичката традиција во антиката, наедно е и клучот за разбирање на централниот мотив на монодрамата Delirium tremens на еден од најзначајните македонски драмски писатели – Благоја Ристески – Платнар.
Монодрамата Delirium tremens, наспроти сета своја навидум аскетски симплифицирана фабула, во основа е адресирана токму кон ова најкрупно прашање на човечкиот живот! Низ сосема секојдневни слики на единствениот лик кој се двоуми дали е сценски работник или е актер, дали е женет или е ерген, дали сторил злостор или не го сторил, Платнар ја внесува драмата на неизвесноста до степен порадикален од тврдењето на Калдерон: La vida e suenо! – Животот е сон! – имено, до степен на кој станува невозможно со сигурност да се одговори дали воопшто и сонуваме! Што ако животот не е дури ни сон, што ако е само хаотичен кошмар!? Што ако смртта е само чинот на иреверзибилното будење од тој кошмар!? Калдероновата дилема во која со репликата: “Ако животот е сон – не будете ме!“, спасот го бараме во продолжувањето на животот преку продолжувањето на сонот, во основа изразува една бенигна позиција на наивна верба и прифаќање на животот. Одејќи до самиот раб на свеста, Платнар на сцена внесува моќна и страотна опција, дека спасот не е во спиењето, туку во будењето од овој живот!

Претстава е наменета за сите генерации и во голема мера ги дефинира односите помеѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и секако за љубовта и морално – етичките дилеми, кои кај секој од нас се појавуваат во состојба љубов, страст и страв.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.