Марина Мијаковска: “Поетите треба да користат грст зборови, помалку или повеќе…”

 Марина Мијаковска е родена во Скопје (1984). Дипломирала на Kатедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет Блаже Конески во 2007 година, а во 2011 година на истиот факултет се стекнала со титулата магистар на филолошки науки. Предмет на нејзин интерес се: книжевната методологија, родовите студии, фолклорот, антропологијата и старите цивилизации. Пишува поезија, есеи, куси раскази и книжевни критики. Има објавено педесетина книжевни прилози. Своите текстови ги објавува во македонската и балканската периодика: интернетското списание Репер; магазините за литература и култура Наше писмо; Современост; Стожер; електронското компаративно списание Мираж и списанието за уметност, култура, наука и општествени прашања Разгледи.

Марина Мијаковска има учествувано на неколку книжевни манифестации: Песнило 1 и Песнило 2; 100 000 поети за промена; на меѓународниот поетски фестивал Струшките вечери на поезијата во 2010 и 2012 година; на Поетските вечери во Корча во 2012 година; интернационалниот поетски фестивал ,,Ditët e Naimit” – Албанија во 2013 година; „Горњоградски књижевни фестивал“ во Загреб 2014; „Дани пријатеља књиге“ 2014, Меѓународниот поетски фестивал „Море на длану“ во Пула, Ровињ, Лабин и Пазин во 2015.

[su_slider source=”media: 1846″ limit=”1″ link=”image” width=”720″ height=”480″ responsive=”no” title=”no” arrows=”no” pages=”no” mousewheel=”no” autoplay=”1″ speed=”0″][su_slider source=”media: 1004″ limit=”1″ link=”lightbox” width=”360″ height=”560″ responsive=”no” title=”no” arrows=”no” pages=”no” mousewheel=”no” autoplay=”0″ speed=”0″][su_slider source=”media: 157,156,155,154,153,152″][/su_slider]

Промоција на “Куќички” во Велес, 2015

Издадени книги
Поезија:
– Номадска душа (Антолог, Скопје, 2010);
– Куфери (Матица македонска, Скопје, 2012);
– Психоаналитичка алхемија од страсти (Центар за култура „Ацо Караманов“, Радовиш, 2013).
– Тиркиз во лето (хаику поезија) 2015
Проза:
– Куќички (Бран, Струга, 2014).

Превод:
Феминизам / Андре Мишел (превод од српски јазик -Марина Мијаковска, Феникс, Скопје, 2014)

Антологии во кои е застапена со творештвото:

– Ветерот носи убаво време: антологија на најмладата македонска поезија и проза (Матица македонска, Скопје, 2012 година) авторката е застапена со дел од творбите.

– Антологијата на младата македонска авангардна поезија (Феникс, Скопје, 2012 година).
– Gornjogradski knjizevni festival – зборник 2014, Загреб;
– Tebi pjesmom za Valentinovo – Kultura Snova, Zagreb, 2014
-Kao čvorom more na dlanu svezan stihom – Kultura Snova, Zagreb, 2015
– Антологијата FYTYRA E HESHTJES во издание на фестивалот ,,Ditët e Naimit” – Албанија 2013.

Марина Мијаковска се стекнала со повеќе книжевни награди: награда за поезија на „Поетските вечери во Корча“ – Албанија, (Специјална награда за литературно творештво со високо уметничко ниво со ценети и трајни потски вредности на Поетските вечери во Корча – 2012 ); „Караманов“ 2013; „Македонска книжевна авангарда“ 2013 и „Крсте Чачански“ 2014.
За Психоаналитичка алхемија на страсти, Марина Мијаковска е добитник на наградата ,,Караманов’’ 2013 и ,,Македонска книжевна авангарда’’ 2014 од фондацијата Македонија Презент и издавачката куќа ,,Феникс’’ од Скопје.
Мијаковска за прозниот ракопис Куќички ја доби наградата „Крсте Чачански“.

             Дел од поетските творби и се објавени во превод на: албански, хрватски, романски и чешки јазик
Марина Мијаковска работи како библиотекар во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

[su_slider source=”media: 1847″ limit=”1″ link=”image” width=”720″ height=”480″ responsive=”no” title=”no” arrows=”no” pages=”no” mousewheel=”no” autoplay=”1″ speed=”0″][su_slider source=”media: 1004″ limit=”1″ link=”lightbox” width=”360″ height=”560″ responsive=”no” title=”no” arrows=”no” pages=”no” mousewheel=”no” autoplay=”0″ speed=”0″][su_slider source=”media: 157,156,155,154,153,152″][/su_slider]

Пула, 2015

 Дали мислите дека треба да се има дарба за пишување и талент?

-Дефинитивно! За да се пишува треба да се има дарба и талент. Поетите се вдахновени битија со креативни атоми од боговите. Може секој да се обиде да напише нешто, но талентот е најважен за да може да се пишува. Талентот во комбинација со книжевното знаење може да создаде профил на добар писател.

Може ли секој да биде поет / писател?

-Во последно време се појавија многу поети / писатели по социјалните мрежи или т.н. инстант фејсбук поети. Може секој да напише нешто, да се обиде, но не може секој да се нарече писател. Писателствувањето е профил на живот, сензибилитет, паралелен свет на иманентната другост. Тоа е животна траекторија што кога ќе се започне во име на судбината има проекција кон иднината.

Кога за првпат почувствувавте дека пишувате за луѓето?

-Најпрво започнав да пишувам поезија. Тогаш имав чувство дека пишувам за себе си и за некој супер читател, елитистички книжевен субјект. Но, првпат почувствував дека пишувам за луѓето и во име на обичните луѓе кога започнав со пишувањето проза. Кога ја напишав книгата куси раскази „Куќички“ во 2014 година почувствувам дека можам да допрам до сечија пора и внимание. Пишуваме за луѓето кога имаме едноставност која се црпи од искрени мисли, чувства и општествени патоси.

Опкружувањето го менува ли вашиот стил на пишување?

-Секако. Вчера бев еден човек, денес сум друг човек, а утре некој трет човек како резултат на новите искуства, сознанија и животни вештини. Колку повеќе улоги заземаме толку поголеми можности за стилска експерименталност и иновативност.

Обожувате проза или поезија?

-И поезија и проза. Подеднакво ги читам и подеднакво сакам да ги создавам.

Кој е вашиот совет за младите уметници?

-Да бидат свои, да не копираат, да гледаат да создаваат свој автентичен книжевен автографиран свет.

Денес се купуваат ли книги?

-Да.

Какви теми обработувате во вашите дела? Колку се провокативни?

-Доволно провокативни, уловени од актуелните животни ситуации и текови.

Кој од твоите дела го сметате за најдобар? Зошто?

-Сметам дека имам две дела кои се посебен белег во моето творештво. Првото е третата стихозбирка „Психоаналитичка алхемија од страсти“, 2013 г. за кое ја добив наградата „Караманов 2013“. Колку пати и да го препрочитувам ова дело не можам да најдам забелешка дека сум требала да го напишам поинаку од тоа што е. Второто е книгата „Куќички“, 2014 г. кое е моја прва прозна книга – куќа со два влеза: раскази и роман. За оваа книга ја добив наградата „Крсте Чачански 2014“. „Куќички“ е една друга страна во македонската книжевност.

Постои ли клима на вечност во поезијата и визии на поетот кои се непредвидливи?

-Постои клима на вечност во поезијата. Поезијата се пишува во сегашен миг кој со самото скаменување во форма останува во вечноста, како нашата и туѓата. Поезијата има визионерска и профетска улога. Зборот е маг за кој важи принципот на универзалната аналогија или привлекување на мислата во дело. Морам да откријам дека некои настани од моите песни ги имам доживеано после неколку години. Тоа е моќта на потсвеста која го привлекува тоа што ќе го испишете.

Што мислите… Поетите треба да се економични, да користат што помал број на зборови!?

-Поетите треба да користат грст зборови, помалку или повеќе…

Специјални искуствени патување… преточени во поезија…

-Патувањата по убавите предели на нашата земја Македонија и на егзотичните земји се главно вдахновение за уметничка креација. Убавините на Македонија и Европа се овековечени во стихозбирката „Куфери“, 2012 г. Убавините од Австралија се преточени во стихови од „Психоаналитичка алхемија од страсти“, 2013 г. Магијата на морскиот јадрански брег се бранува во најновата книга хаику поезија под наслов „Тиркиз во лето“ што наскоро треба да ја објавам.

Како изгледа еден ваш работен ден?

-Динамично и исполнето. Работам како библиотекар во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Во храмот на книжевното наследство не може да биде здодевно и монолитно. Тука е работата со читателите, работа на проекти и тековни библиотекарски активности. Најубавото нешто е средбата со луѓе од областа на културата.

Што ве инспирира: љубов, светски работи, опишување на себеси, достигнувањата?

-Животот со сите негови лица и маски, луѓето со нивниот дуализам, љубовта како крв и мед…

 [su_slider source=”media: 1848″ limit=”1″ link=”image” width=”720″ height=”480″ responsive=”no” title=”no” arrows=”no” pages=”no” mousewheel=”no” autoplay=”1″ speed=”0″][su_slider source=”media: 1004″ limit=”1″ link=”lightbox” width=”360″ height=”560″ responsive=”no” title=”no” arrows=”no” pages=”no” mousewheel=”no” autoplay=”0″ speed=”0″][su_slider source=”media: 157,156,155,154,153,152″][/su_slider]

Ровињ, 2015

Необјавена поезија 2015

РОВИЊ
Таму каде што се дели морето
на староседелци и странци
Таму каде што е поделена песокта
на крупна и ситна
Таму дишат бледо жолтите ноздри
под љубопитните бели карпи
Таму каде што се става сидрото во меките души
стоиш закотвен
Ти,
а, во морето
пловам
Јас
во прегратки од
морски алги
НЕКОГАШ ВО ЗАГРЕБ
Некогаш во Загреб
Кога синиот трамвај ќе запре на секоја следна станица
Ништо не ќе ги собере меурите од сапуницата на ноќта
Слегувам со светлината врз новооткриениот град
Таму исто ко некогаш
Сè ми мириса на свежо испечени костени
Распукува лушпата на времето,
А од неа излегува една виолетова душа
РАЗУМ

Секогаш си во костец со времето
Тоа се истопорило врз ветерот и брзо те гази
Времето е лулка со две острици:
Едната ја сече тапоста,
А другата ја сошива пропуштената празнина

 

СЕКОГАШ
Ги сакам
Аеродромските писти и терминалите
Излижани од вревата
На новопристигнатите туристи
Секогаш спремни
Да ги минуваме границите
Ти – туристот
И
Јас – новелистот
Ги полниме џебовите на времето
Повторно сами
Барајќи повеќе простор
За предметите и луѓето
Ко истрошени гуми од автомобилите
Во катните гаражи пред заспивање
Аеродромите ќе остант исти
Во исто место и различно време
Ко туристите со солзи
Од расплакани луѓе блиски
ГНОМА

Немој да стоиш
Сам не го топиш снегот
Злото се враќа
ПОРТРЕТ НА ЕДЕН …
Клешта по клешта
Така го челичам домот
Ко заробен скитник во повеќе нешта
Напуштен од ногата на Бог пред заспивање
Трипати мистично се губам
Во денот без сопствен кожурец и име
Во деноноќието од непознати шест букви
(докази и совиденија)
Во катадението со кожа од различни животни
Што задлабочено коленичат
Во одежда од молитви

Клешта по клешта
Ме исчеличи денот
Дом со нешта:
Бори, беспаќа, ветерници
Од најдалечни и најскриени облаци

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.