Бојана

Нашава забавна музика е богата со добри – успешно компонирани песни, но има и такви кои како да се ,,правени’’ од ,,вештачка кожа”! Меѓу добрите има многу популарни и се на програмата на медиумите почесто, но и такви кои поретко ќе ги слушнеме, а со својата музичко – текстовна вредност претставуваат вистински ,,скриени бисери’’ и кои кај слушателите поттикнуваат тешки емоции и враќање кон спомените. Една од нив е конпозицијата ,,Бојана’’ на кантавторот Блаже Темелков. Првпат ја ,,гледав’’ односно слушнав пред повеќе од четврт век. Блаже со својот придружник Стевче Грозданов ја исполнија на некој фестивал. Тогаш Блаже беше средношколец, момче. Со неговиот топол, нежен тенорски тембр, со чистата дикција и одличниот аранжман, силно повлија на публиката и таа – публиката како да падна во сопствени емоции и дамшни спомени. Тоа придонесе крајот на песната да не биде дочекан со вообичаените аплаузии и овации, зашто на публиката и требаше време да се ,,освести’’ од магепсаноста, па задоцнетите ракоплескања следеа откако, речиси, дуетот веќе беше зад сцената! Оттогаш ,,Бојана’’ стана чест гостин на радиобрановите се до денешни дни, со децении. Уште од првото слушање па и подоцна, песната ме врати за толку години назад за да се потсетам на еден случај за двајца – ученик и ученичка од погорните одделенија на едно осум годишно училиште во населба на пат кон планината Скопска Црна Гора. Тие, забележително беа постојано заедно, зашто учеа во една паралелка. Често седеа на една клупа во училишниот двор каде, секако, разговараа на ,,свои’’ теми. Дојде крајот на учебната година, и како осмоодделенци на 31-ви Мај го напуштаа училиштето за да заминат во средни училишта. Тој последен ден и последен час, одделенскиот раководител започна да им говори дека веќе никогаш, од овој ден, нема да бидат заедно. Со нивното заедничко другарување и учење, тука е крај и секој ќе тргне на своја страна! Од ненадеж вратата на училницата, во тој момент грубо се отвори и влегоа тројца ,,не канети’’ носејки куп хартии и на наставникот му рекоа дека ќе прават тест! За миг атмосферата се промени, се слушнаа негодувања, а наставникот протестираше дека во ваква атмосфера на разделба, тоа е невозможно! Но, дојдените останаа на своето. Наставникот демонстративно ја напушти училницата. Учениците останаа сами без наставниковата поткрепа – психичка, пред се! Од ,,заљубената’’ двојка, прв од училницата излезе ученикот и седна на клупата очекувајки да дојде неговата ,,сакана’’. Чекаше долго, но таа не се појавуваше. Му беше срам да појде да ја побара и, натажен замина кон дома. Таа веќе никогаш не се појави !.. Минаа години, ученикот учеше во средно училиште. Еден ден, во спарното скопско лето, неговиот телефон заѕвони (мобилни тогаш немаше). Ја крена слушалката и, слушна само: ,,Ќе бидам на клупата.’’Срцето на момчето се растрепери и од куќата стремоглаво се стрчна кон училишниот двор. Таа таму седеше свртена, како и секогаш, кон рекичката Серава. Тој и пријде од грб и седна на ,,своето’’ место! Таа го погледна и молкум му подаде рака. Долго молчеа, не гледајки се! Најпосле, тој се осмели да ја праша: ,,Зошто така!… Нели се љубевме, се дружевме? Каде згрешивме?!’’ Молкот пак доминираше! По малку, таа тешко возбудена му одговори: ,,Не згрешивме ние, случајот ,,згреши’’!… ,,Тестот’’!… „Дојдов да се видиме… Не станувај…  Збогум ’’! Нејзинот место на клупата, засекогаш остана празно!… Пред некое време радиото ја пушти ,,Бојана’’ пак. Тоа ме предизвика да го побарам Блажета. Се најдовме и му ја раскажав мојата ,,верзија’’ инспириран од неговата композиција. Го прашав дали има некаква сличност со содржината на песната? Ми одговори дека во таа населба имаат куќа, односно неговиот татко, но и други случности. Инспирацијата да ја компонира ,,Бојана’’ рече, дошла како желба да се популаризира името Бојана, зашто го обожувал. Па и неговата ќерка ја крстил Бојана. Му дофрлив; значи минатото и спомените влечат? Одговори дека сега повеќе твори конпозиции кои се насочени кон иднината. Сепак, горд е на конпозицијата ,,Бојана’’ зашто е сеуште актуелна, а ги минала и државните граници, па и преведувана, што се должи на нејзината музичко – текстуална вредност, особено со својата монологно – исповедна содржина. Се разделивме, без да му кажам дека, иако е свртен кон иднината, а минатото не го интересира толку, сепак тоа минато кај него е присутно – вечно, како во мислите, уште повеќе што во неговиот дом неговата ќерка го носи името Бојана! … Текстот на конпозицијата ,,Бојана’’:

 

Ги помнам сите снежни зими

Што ветрот ни ги однесе

И ноќва пијам стари вина

За да душава не откине.

Се љубевме како да е вечно се,

А далеку не сакавме да гледаме

О Бојана се во мене силно удара.

Пребарај ги сите стари наши спомени!

Стотина бои небово ноќва

Поразено ќе испушти

И тажна една солза машка

За тебе ќе протече!

Share Button