Исповед на еден татко чија ќерка има аутизам

Суров е животот, само што ќе помислиш дека си спремен да се справиш со секакви проблеми, одново и одново успева да те повреди.

Денес излегов со мојата ќерка Ерато да си ја направиме нашата секојдневна попладневна прошетка. Само што излеговме од зградата, едно детенце кое е прво оддeление во истото училиште како и ќерка ми, се доближи до нас и почна да вика ГЛУПАВА! ГЛУПАВА! Јас го запрашав детето зошто и вика така, но тоа само ме погледна и си замина. Ерато не го знае значењето на овие зборови. И подобро! Затоа насмевнато го гледаше детенцето. Среќа е што сè уште не го знае значењето на зборот ГЛУПАВА, зошто тоа ќе ја повредеше како што мене многу ме повреди. Уште повеќе ме повреди тоа што не можам да го окривам детенцето и зошто на тоа детенце никој не му објаснил дека во училиштето може да сретне дечиња кои се различни, дека тоа е нормално и дека тие дечиња не се глупави!

Мојата ќерка е аутистична и не очекувам дека малите деца можат да сфатат што е тоа, но треба да им се објасни дека постојат дечиња кои се различни и треба да ги прифатат како такви. Родители, разговарајте со своите деца, објаснете им и верувајте дека со тоа ќе ги направите вашите деца толерантни, а со самото тоа ќе умеат да ги ценат различностите. Како ќе создадеме во нашата земја подобро место за живеење, ако не тргнеме од самите нас и од воспитувањето на нашите деца. Ајде да ги воспитаме на толеранција!

Ова го пишувам со надеж дека сепак некој родител ќе го прочита, ќе оддели пет минути да му објасни на своето дете дека постојат различни деца кои како такви треба да ги прифатат. Навреди врз мојата аутистична ќерка имаше и пред некоја недела од повозрасни лица, но тоа не можам да го променам. Ова зборува за нив какви луѓе се и на кој начин се воспитувани. Но, кај децата не е доцна да им се објасни, тие ќе разберат! Впрочем, дрвото се витка додека сè уште е младо!

Напишано од Зоран Кардула

 

 

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.