„Наследство“ – Македонската филхармонија одбележува два значајни јубилеи

Македонската филхармонија, овој четврток (15.10.2015) во Домот на АРМ во Скопје во 20 часот, ќе одржи симфониски концерт посветен на двајцата истакнати македонски композитори – Властимир Николовски и Томе Манчев. Концертот носи наслов „Наследство“ и ќе ги одбележи двата значајни јубилеи – 90 години од раѓањето на академик Властимир Николовски (1925-2001) и 65 години од раѓањето на неговиот ученик и наследник на творечката идеја, Томе Манчев (1950). На програмата се: Симфонија „Инструментале“ и „По патиштата“ за сопран и оркестар од Николовски и Симфонија „Реквием“ за сопран, рецитатор и оркестар и „Стара песна“ од Манчев.

Оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапи под палката на маестро Саша Николовски-Ѓумар, а како солист ќе се претстави македонската реномирана оперска певица, сопранот Весна Гиновска-Илкова. Овој пат во улога на рецитатор е баритонот Кирју Лијаковски.

Академик Властимир Николовски е еден од столбовите на македонската творечка музичка мисла. Овој мошне плоден композитор, кој зад себе остави богатство од дела не во смисла само на квантитетот, туку во смисла на квалитетот и инвенцијата, е всушност средиште или оска околу која кружат другите композиторски пројави на македонското небо. Повеќе од стотина дела од речиси сите изрази на класичната музика ја збогатуваат биографијата на академик Властимир Николовски, а посебно место заземаат неговите вокално-инструментални дела (ораториумите „Клименту“, „Кирилу“ и „Непокор“, кантатата „Сердарот“…), во кои авторот остварува нераскинлива врска со поднебјето од каде што доаѓа и светските струења, создавајќи мошне впечатлива музичка драматургија. Академик Николовски е прв дипломиран композитор во Република Македонија. Потоа се истакнал на повеќе полиња, како професор во Средното музичко училиште во Скопје, директор на Операта при МНТ, музички уредник на Радио Скопје, професор и прв декан на ФМУ каде што останал до крајот на својот работен век, а во 1981 година е примен за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Делата на Николовски се изведуваат во многу земји низ светот, а како публицист, неговите текстови и реферати се објавувани во најзначајните музички списанија.

Македонскиот композитор, професор и публицист Томе Манчев роден во Гевгелија, своето образование го стекнал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, најпрвин дипломирајќи на педагошкиот, наставно-теоретскиот оддел, а потоа и композиција во класата на академик Властимир Николовски. Во 1980/81 година специјализирал композиција на Академијата за уметности во Прага, во класата на Јиржи Дворжачек, од 1982 до 1988 година во класата на Дворжачек и Јозеф Церемуга дипломирал на највисокиот степен на студии: уметничка аспирантура по композиција на Прашкиот музички факултет, додека во 1999-та докторирал на втор степен од областа на оркестрацијата на Софискиот конзерваториум „Панчо Владигеров“ под менторство на Димитар Сагаев со трудот „Движењето, суштински елемент во симфониското творештво“. Значаен дел од неговите студии, што потоа ќе се одрази и врз неговата кариера, ќе одиграат посетите на разните предавања на видните композиторски имиња како Витолд Лутославски, Пјер Шефер, Најџел Осборн и многу други. Томе Манчев трипати е добитник на наградата „Панче Пешев“ на Сојузот на композиторите на Македонија, на наградата „Трајко Прокопиев“ на СОКОМ, награда за животно дело на Музичките пeдагози на Македонија и др. Досега, тој создаде извонреден опус на дела што се карактеризираат со индивидуален израз и јазик, а некои од нив, освен на домашниот подиум, се изведувани и на странските концертни сцени.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.