АВИЈАТИЧАР НА ДУХОТ (2)

ЗА ФАНТАСТИЧНИОТ СВЕТ ВО РАСКАЗИТЕ НА МИТКО МАЏУНКОВ

II ПОЈАВА НА ФАНТАСТИКАТА ВО МАКЕДОНИЈА

Во македонската литература уште во XIX век Марко Цепенков се служел со фолклорни матрици што ги надградувал и така добиените фантастични раскази се народно – уметнички .
Во Македонија дури во 70-те години започнува таа големата авантура на т.н. „чиста“ или „вистинска фантастика“.

Токму врз традицијата на европските романтичари, инаку големи мајстори на фантастиката, како Хофман, Нервал или Гогољ, во спој со борхесовската ориентација кон фантастиката, македонската проза на 70-те го гради својот култ кон фантастичното, чиј што прв посветеник е Влада Урошевиќ. Неговите раскази од збирката под наслов „Ноќниот пајтон“ (1972) на голема врата ја воведува постапката на фантастиката во македонската литература. Нему му претходи Митко Маџунков, кој две години порано ја објавува збирката раскази „Чудна средба“, но на српско-хрватски јазик.
Авторите родени околу четриесеттата година: Луан Старова, Божин Павловски, Зоран Ковачевски, Данило Коцевски и др., во која припаѓа и Маџунков, ја отвораат расказната парадигма спрема нови поетички и дискурзивни иновации, хибридизации и комбинации.
Митко Маџунков подеднакво импресивно го профилира своето натуралистичко гротескно писмо и другото, ониричко и арабескно. Автор е на збирките раскази: „Чудна средба” (1970), „Убиј го зборливото куче” (1973), „Над троскотот облаци” (1974), „Мирисот на земјата“ (1984), „Меѓата на светот” (1985), „Парадоксален сон” (1987), „Грабнувањето на Европа“ (2008); на романи „Кула на ридот” (1981), „Домот на Александар” (1992), „Кон другата земја” (1993).
Во неколку наврати е оценет мошне високо, а критиката обрнува внимание колку на врските со усната традиција толку и на одликите на “вербално – ликовниот план” што го спроведува авторот кој од обични нешта навистина прави бизарни, а необичното го сугерира како реалност пред која често и неговите јунаци застануваат збунето. Пишува и драми: „Бајка за гулабовата планина”, „Големиот смок”, „Сенката”.
Во неговите раскази се појавуваат несекојдневни личности, маѓесници, врачари, безделници, талкачи, чудаци, дивјаци, па и лудаци. Неговите раскази се пишувани по примерот на Хофмановите фантастични раскази полни со јанѕа и грозомора. Хофман верувал во извесна виша сила, во преодредeноста на судбината… Ноќта е време кога оживуваат сеништата и го започнуваат своето демонско оро по ѕидовите од собата. Глетката потсетува на волшебен прием на невидливи гости… Ноќта го овозможува пробивот на ирационалното. Преку ден тоа е свет во кој се одвиваат секојдневни нешта по востановен тек, но штом настапи мракот тогаш оживуваат битија кои не се видливи преку ден. Појавите добиваат некои нови, застрашувачки и зли контури.
Нарацијата е насочена кон едно фабулативно јадро – настанот; тој е носител на надприродниот елемент што го доведува во прашање востановениот поредок на претставениот свет и сè му е нему подредено. Дејството се одвива на необични и проклети места, обвиени со превезот на загадочна таинственост, каде се случуваат неверојатни случки. Една од главните теми во расказите на Хофман , покрај темата на душевно растројство и бунило е и темата на љубовта предадена во разни форми и варијанти: како мечтателна состојба, како судбинска врска на две осамени души; најчесто како несреќа, па и трагична историја. Љубовта кај Хофман е замислена како еден вид расплет, фантастичен излез од здодевното секојдневие, од баналноста и заморот, од монотониот и зачмаен живот; нешто болно и патолошко. Јунакот од неговата фантастична новела „Чудесната историја на Петар Шлемил“ ќе рече: Ако сакаш да живееш помеѓу луѓето, тогаш најпрво научи да ја почитуваш својата сенка, потоа парите. Теофил Готје вели: волшебното кај Хофман не е волшебното од бајките, бидејќи Хофман секогаш со едната нога е во реалноста, кај него не среќаваме замоци од рубини со кули од дијаманти, кај него доаѓа до израз верувањето во ирационалното, во постоење на невидливата страна на човекот и светот .
Во тајните сили на природата кои управуваат со судбината на поединците, во несознајните текови што во невидливи врски ги спојуваат суштествата и предметите – сo овие зборови можеме да ја овенчаме фантастиката на нашиот мудар фантаст Митко Маџунков.
Како чедо на романтизмот, фантастичниот расказ ќе ги задржи неговите обележја: склоноста кон натприродното и иреалното, кон темното и ноќното, кон морничавото и ужасното, кон бизарното и чудесното . Овој жанр подразбира и исполнување на низа конвенции, внимателно одење по тенката линија што ги дели на две области, од кои едната е онаа на чудното и необичното, а другата – онаа на неверојатното и невозможното. Фантастиката се карактеризира со насилно влегување на мистеријата во рамки на реалниот живот.
Во време на романтизмот првпат сe забележува фантастиката на апсурдот. Интересен од овој циклус е расказот Hoc од Гогољ. Еден чиновник се буди рано наутро и гледа дека му го нема носот. Човекот тогаш станува апсурден. Во основа раказот претставува еден настан без смисла. Исчезнувањето на носот нема ниту повод, ниту причина – тоа е новост која Гогољ ја внесува во овој тип литература.
Никогаш не се знае каде всушност нè води сонот, дали кон среќата или кон пропаста. Во своите дела Маџунков, ги соединува, ги меша светот на надворешното и светот на внатрешното, светот на призраците и светот на луѓето. Темата на сонот, халуцинациите, како и состојбите помеѓу реалноста и привидот се чести кај ликовите. Тоа е еден вид човек создаден на фаустовски начин, но тој вештачки човек е лишен од морални норми.
Роже Кајоа (француски академик и книжевен критичар), вели: фантастиката ни ја претставува стварноста како чудесна, необична, невозможна . Во потесна смисла дефинирано, фантастиката означува книжевно обликување на нешто природно невозможно, на начин при кој ликовите и читателите ја губат сигурноста.

1. Лидија Капушевска Дракулевска. „Премин од фолклорот кон уметничката проза – Марко Цепенков“ во Лавиринтите на фантастиката. – Скопје: Магор, 2004, 47.

2. Според Марија Ѓорѓиева. „Фантастиката како револт кон устројството на светот во расказите на Хофман и на Гогољ“ во Литературен збор бр.03. – Скопје: 2000, 23.

3. Марија Ѓорѓиева. Ibid. 23.
4. Влада Урошевиќ. „Фантастиката – ноќна страна на литературата“ во Подземна палата. – Скопје: Македонска книга, 1987, 13.
5. Марија Ѓорѓиева. Ibid. 23.

6. цит. според: Лидија Капушевска Дракулевска. „Поимот фантастика“ во Во лавиринтите на фантастиката. – Скопје: Магор, 2004, 14.

Доколку сакате да го прочитате третото продолжение кликнете тука.

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.