АВИЈАТИЧАР НА ДУХОТ (6)

ЗА ФАНТАСТИЧНИОТ СВЕТ ВО РАСКАЗИТЕ НА МИТКО МАЏУНКОВ

1) Ѓаволот – „господар на злото и смртта“

Ѓаволот е единствената личност од митолошко – религиозниот круг и неговата појава како мотив во книжевноста никогаш не застарува. Тој ја поседува секогаш својата фасцинантна моќ и својата актуелност што е приспособлива кон секоја ситуација. Си ги менува костимите и се појавува во фантастичните раскази во разни улоги: како таинствен двојник што ја казнува дрскоста на оние што се осмелуваат да го имитираат, како глас на совеста што го потсетува злосторникот на сторените гревови.
Расказот „Генерал“ од Маџунков е еден вид демонско – дијаболична фантастика, односно присутно е дуалистичкото сваќање на ѓаволот како „господар на злото и смртта“ и како „суштество тесно поврзано со плодноста и сексуалноста“, очигледна од неговите рогови. Според Тодоров ова натприродно суштество е во мрежата на „Ти“ темите. Нараторот конечно е вработен и тоа, можеби!, кај самот генерал Франко. Времето е зима, токму погодно временско доба за одвивање на мистериите, на фантастичните настани. Тој секое попладне треба да однесе неколку трендафили во дворецот на генералот. Трендафилот е симбол на срцето, на романтичната и сетилна љубов. Но еднаш, поради хомосексуалецот Амброзие, тој доживува една мала незгода, бидејќи овој земал многу поубав и поголем букет, сакајќи да му се додвори на генералот. Така, идната вечер, нараторот заедно со неговата пријателка Соња, одат во пустиот и мрачен замок, кога се доближуват до прозорецот преку кој го гледаат генералот, забележуваат како на неговата глава му се појавуваат рокчиња и со опашот на неговиот задник ги удира како со камшик, така што тие итаат кон бездната.
Слободно можеме да кажеме дека на дното од секоја фантастична тема ѕирка демонското. Ѓаволот во основата е либидинозен симбол, набиен со црн еротизам и таинствена, перверзна напнатост. Тоа е дијаболичко преставување на ѓаволот преку спој на Танатос со Еросот. Метаморфозата т.е. мотивот на гротескната преобразба од човек во ѓавол и неизбежното чувство на загрозеност, страв и нелагодност, што ваквата преобразба го буди, соединет со сексуалното доживување, претставуваат еклатантни одлики на фантастичниот жанр 15. Овој расказ припаѓа на типот традиционална (романтичарска) фантастика.

a) Престој во пеколот

Проникнувајќи во тајните на човековото и постоењето на светот преку двата симбола: огнот и водата, Маџунков ја здогледува важноста од етичка самосвест и духовно осмислување низ времето и просторот. Тоа се два вечни симболи, кои според Хераклит заедно со земјата и воздухот, го овозможуваат животот и неговата постојана обнова. Последица на огнот е пепелта која сведочи за она што е душевно ослободување на човекот, но и космичка катарза. Во неа се запретани тајните на опстанокот, на можното исчезнување и престој во пеколот.
Пеколот е познат и како ад, катран, смола, вечна мака. Тој е сврзан со претставите за задгробниот живот, во кој вечно престојуваат грешните луѓе, како казна за сторените гревови додека биле живи. Според некои верувања, патот кон оној свет води преку тенок мост: праведните души го минуваат мостот, додека грешните паѓаат долу во пеколот, каде што се наоѓа огромен казан полн со катран и врела вода 16.
Темата за „престој во пеколот“ ја има во расказите на Маџунков: „Приказна за Сериана“, „Пекол“ и „Над троскотот облаци“.
Во расказот „Приказна за Сериана“ дошло до израз идеолошкото сфаќање за жената како олицетворение на злото, за истоветноста на ѓаволот (од кого треба секој да се чува) и жената. Девојката Сериана е фатална жена (што претставува романтичарска опседнатост). Нараторот секојдневно мечтае за Пустиот остров како за Ветена земја. Творецот на утопијата својата замислена земја ја сместува надвор од географскиот простор, каде воведува еден нов социјален поредок, поинаков од другите. На оваа мисла го поттикнува Сериана, која на моменти се појавува и исчезнува од неговиот живот. Таа ја користи својата промисленост, мудрост, умот. Заведувањето го претвора во игра. Тој Пуст остров наизглед е Рај, но претставува пекол на душата, трчајќи постојано по девојката, главниот лик конечно се буди на тој остров.
Оттука, загледаноста во бескрајот, во бездните и светлините на битието, се согледува во вечниот натпревар за превласт меѓу Еросот и Танатосот.
Уште од библиските времиња, да се проба љубовта, значи да се вкуси и смртта, како граница, како казна, како проекција, како последен хоризонт. Во поново време, кај Сабато, ја следиме оваа размисла: “Љубовта копнее по апсолутот и, поради таа причина, сите големи љубови се трагични и тие, на некој начин, завршуваат со смрт 17. Маџунков тоа што е навестувачки страшно го прави убаво исполнувајќи го со дух. Со тоа ги шири имагинативните хоризонти на расказот, а неговата Сериана го напушта своето фатумско проклетство.

15.Елизабета Шелева. Книжевно теориски студии. – Скопје: Матица, 1997, 136.

16. Речник на народната митологија на Македонците. – Прилеп-Скопје: Матица, 2000, 314.
17. Елизабета Шелева. Културолошки есеи. – Скопје: Магор, 143.

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.