„Фантастичен бутик“ со Македонската филхармонија и врвниот виолончелист Александар Књазев

На 13 ноември (петок) во Домот на АРМ во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи симфониски концерт под наслов „Фантастичен бутик“, на кој премиерно ќе прозвучи истоимениот балет од Росини/Респиги. Под палката на маестро Емил Табаков од Бугарија, заедно со оркестарот како солист ќе настапи почесниот уметник на Русија, Александар Књазев, за кој музичката критика вели дека е еден од најхаризматичните музичари на неговата генерација. Тој ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар бр. 1 во a-moll од Камиј Сен-Санс, кој се смета за еден од најдобрите концерти за овој инструмент од музичката литература. На концертот „Фантастичен бутик“ ќе биде изведено и атрактивното дело „Танц на мртвите“, исто така од Сен-Санс.

Балетот во еден чин „Фантастичен бутик“ (1918), познат и како „Волшебна/Фантастична продавница за играчки“, е создаден по идеја на Леонид Масин, кој ја направил кореографијата за либретото напишано заедно со познатиот ликовен уметник Андре Дерен, пионер на фовизмот. Оторино Респиги, пак, музиката за ова дело ја создал врз база на некои од композициите за пијано на Џоакино Росини. Респиги, всушност, бил задолжен за аранжманот и оркестрацијата. Премиерата се случила во Лондон во 1919 година, во изведба на иновативната трупа „Руски балет“ на светски познатиот кореограф Сергеј Дјагиљев. Приказната има сличности со балетот „Кукла самовила“ на австрискиот композитор Џозеф Баер, а според некои, таа е слична и со „Оловниот војник“ на Ханс Кристијан Андерсен.

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте. Од 1976 до 1979 работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а следната деценија, сè до 1987 година, тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“. Во 1987 година станува диригент на Софиската филхармонија, потоа нејзин уметнички раководител, а од 1994 до 1999 година и нејзин уметнички директор. Во овој период, тој наедно е диригент и на Белградскиот филхармониски оркестар. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин-диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… Маестро Табаков диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и Торино, на пример, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен… Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (седум симфонии) и други формации. За неговите творби е наградуван од Сојузот на бугарските композитори, а голем број од овие композиции се веќе ставени на компакт-дискови. Носител е на престижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградата личност на годината според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од 100-те најдобри професионалци за 2012 година.

За почесниот уметник на Русија, Александар Књазев (1961), музичката критика вели дека е еден од најхаризматичните музичари на неговата генерација. Освен како виолончелист, еднакво успешна кариера гради и како органист. Виолончело почнува да изучува на шестгодишна возраст со Александар Федорченко, а дипломира на Московскиот конзерваториум во 1986 година. Потоа студира со реномираната органистка Галина Козлова и како органист дипломира на Конзерваториумот во Нижни Новгород во 1991. Књазев е лауреат на неколку значајни натпревари, како Интернационалниот чело-натпревар во Касадо, Фиренца, Интернационалниот натпревар „Чајковски“ во Москва или УНИСА во Јужна Африка. Како солист, Књазев настапувал со видни оркестри, меѓу нив и Кралската филхармонија и Симфонискиот оркестар на Би-би-си во Лондон, Националниот оркестар на Франција, Чешката филхармонија, Симфонискиот оркестар на Токио, симфониските оркестри во Виена, Гетеборг, Луксембург, Ирска, симфониските оркестри на Москва и на Санкт Петербург…, како и со многу реномирани камерни ансамбли. Значајно во неговата биографија е тоа што настапувал и со врвни имиња, меѓу кои и со Евгениј Светланов, Мстислав Ростропович, Владимир Федосеев, Максим Шостакович, Јури Башмет, Нееме Јарви, а негови партнери во камерната музика биле Николај Лугански, Виктор Третјаков, Борис Березовски, Вадим Репин…, музицирајќи во многу престижни концертни сали и на реномирани фестивали. Од 1994 до 2004 година, тој е професор на Конзерваториумот во Москва и многу од неговите ученици станале лауреати на престижни натпревари. Денес, Књазев одржува експертски предавања низ Европа, Јужна Кореја и на Филипините. Како органист, пак, исто така одржува концерти во реномирани сали во Русија и во странство, а неговиот репертоар содржи голем број на дела од Ј.С. Бах. Неговата дискографија исто така е богата и вклучува снимки на камерни дела од Бах, Моцарт, Брамс, Рахмањинов, Шостакович, Шопен, Франк, но и антологија на дела за виолончело од Регер, издание што е оценето како едно од најдобрите толкувања на музиката на Регер.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.