Ексклузивен концерт на Македонската филхармонија за Денот на вљубените

Македонската филхармонија и оваа година подготвува незаборавно музичко патување по повод Денот на вљубените. Заедно со маестро Кејс Скалионе од САД, асистент диригент во престижната Њујоршка филхармонија и фантастичниот сопран Голда Шулц од Јужна Африка, на 12 февруари во Домот на АРМ во 20 часот, љубителите на музиката ќе имаат можност да ги слушаат прекрасните звуци на Чајковски, Равел, Гершвин, Портер.

Овој пат концертот носи наслов „Некој ме гледа романтично“ и ќе ги донесе љубовните приказни за „Ромео и Јулија“, „Порги и Бес“ и „Шехерезада“, дело кое ќе ја има македонската премиера, како и најпознатите џез-стандарди кои досега доживеаа милионски изведби и преработки – прекрасната „Summertime“ и „Someone to Watch Over Me“ од Гершвин и „Everytime We Say Goodbye“ од Портер.

Американскиот диригент Кејс Скалионе од 2011 година е асистент-диригент во Њујоршката филхармонија и истата година ја доби наградата за диригирање од фондацијата „Шолти“. Три години беше музички директор на Фондацијата за млади музичари и дебитантски оркестри на Лос Анџелес, следејќи ги стапките на реномирани диригенти како Мајкл Тилсон-Томас или Лоренс Фостер, кога го предводеше еден од најамбициозните проекти во историјата на оркестарот – сценска продукција на вториот чин од Вагнеровата „Тристан и Изолда“. Критиката за Скалионе ќе каже дека е авантурист и дека сака да истражува нови изрази, па така неговиот репертоар вклучува дела од Моцарт до Лигети, меѓу нив и шест светски премиери, заклучно со премиерата на симфонијата „Доктор Атомик“ од Џон Адамс во Лос Анџелес со оркестарот Деби, што беше и првиот грант доделен од Националниот фонд за уметности. Минатата концертна сезона Скалионе имаше серија концерти со Њујоршката филхармонија и со славниот виолинист Џошуа Бел кога се прослави како извонреден асистент-диригент, позиција што специјално за него ја обезбеди музичкиот директор Алан Гилберт, а го наследи Курт Мазур. Скалионе дипломирал на Институтот за музика во Кливленд и магистрирал на Институтот Пибоди каде што студирал заедно со Густав Мајер. Бил ученик и на маестро Давид Цинман на Американската академија за диригирање на Аспен. Критиката го оценува како „импресивна фигура на подиумот“.

„Таа има сјаен и драматичен сопран“. „Нова е, но едноставно поседува сè!“ „Нејзиното пеење носи солзи во очите…“ Критиките за американската сопранистка по потекло од Јужна Африка, Голда Шулц (1984), откако ќе ја почне својата кариера, се постојано на нејзина страна. Шулц прво студира на Универзитетот во Кејптаун, а потоа дипломира на престижниот „Џулијард“ во Њујорк и е поранешен член на Државната опера во Минхен каде што го прави своето деби како Контеса Алмавива во „Свадбата на Фигаро“ во 2012 година. Во 2014 година, Шулц се враќа на сцената во Минхен толкувајќи ја Софи во „Кавалер со роза“, претстава што ќе биде оценета како извонредно остварување. Минатата сезона беше член на ансамблот Клагенфурт каде што уживаше голем успех во двете нови продукции, како Софи во „Кавалер со роза“ и Клеопатра во „Јулие Цезар“. Заедно со маестро Пааво Јарви и со германскиот оркестар „Камерфилхармони“ заминува на концертна турнеја во Јапонија како Марцелина („Фиделио“), а којашто ќе ја изведе и во државната опера Баерише на гала-концерт посветен на Штраус, под палката на маестро Франц Велсер-Моест. Оваа сезона таа повторно се враќа во државната опера Баерише во Минхен како член на ансамблот изведувајќи улоги како Мусета во „Боеми“, Микаела во „Кармен“, Фреја во „Рајнско злато“, а дебитира и во Државната опера во Хамбург под водство на познатата Симоне Јанг, во светската премиера на операта „Бела ноќ“ на композиторот Бит Фурер. Шулц настапи и во Операта во Кејптаун, Јужна Африка, повторно како Контеса Алмавива. Таа негува широк репертоар, од Телеман до Барбер, со поголем афинитет кон композиторите од периодот на романтизмот.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.