Со разоткривањето на чувствто на интимност на поетот со природата ќе го препознаете сопственото

(Промотивна реч на проф. Љупка Стојменова за „Божилак на исконот“ од Филип Димкоски, на промоцијата одржана во февруари 2016 година во ОУ ,,Малина Попиванова“ –Кочани во рамките на одбележувањето на „Прешернов ден“ организиран од  Словенечкиот  центар-Скопје и училиштето-домаќин).

 

Филип Димкоски е роден во 1995 година во Прилеп. Основно и средно образование завршува во родниот град, а сега е студент на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Пишува од најрана возраст. Првата негова стихозбирка ,,Најхранливи зборови од детска душа дарови”, е објавена во 2010 год. додека, втората стихозбирка насловена како „Божилак на исконот“, која денес ја промовираме овде пред вас е објавена во 2014 година, која поради големиот интерес доживува и второ издание. Неговата поезија е препеана е на: српски, словенечки, босански, хрватски, англиски, грчки и хебрејски јазик.

Филип Димкоски е добитник и на многу награди на домашни и меѓународни фестивали од кои би ги споменале:

  • Млада Струга-Струшки вечери на поезијата-2010;
  • Најталентиран млад учесник-Мелнички вечери на поезијата-Мелник, Бугарија, 2012;
  • Прва награда на Меѓународниот фестивал за поезија и кратка проза ,,Јанош Сивери”, Нови Сад, Србија, 2012;
  • Трета награда на Меѓународниот фестивал за поезија и кратка проза ,,Станислав Препрек”, Нови Сад, Србија, 2014;
  • ,,Награда за особен придонес во културата и уметноста”- во чест на Димитар Димитровски Такец-Битола, 2015;
  • Прва награда за расказ ,,Си било еднаш едно дрво”, Здружение Одлики-Битола 2015 која му овозможи патување во Израел под покровителство на амбасадорот на Израел во Македонија, Дан Оријан.

Филип Димкоски не е само поет, тој е член на фестивалскиот одбор на Детскиот литературен фестивал ,,Ракатки” и негов долгогодишен водител, член е на Клубот на литературните творци-Прилеп и на Здружението на писатели „Манускрипт“. Се јавува како водител, модератор и организатор на поетски читања и промоции.

 

            Кога ја добив поканата да направам осврт на книгата „Божилак на исконот“ од нашиот млад поет Филип Димкоски, кој веќе е докажан и во меѓународни рамки, првата помисла ми беше дека ќе прочитам некоја добра љубовна поезија, во која ќе се пее за љубовниот жар, младоста, тагата по невозвратената љубов, болката од завршената, очекував да се пее за некоја негова Јулија Примиц… бидејќи како што и самиот вели во песната „Срцевина“ (цитирам):

 

„Многумина пеат за љубовта,

за нејзината сила и моќ,

пеат за девојките и момчињата

кои како воздух им требаат

и ден и ноќ, и ден и ноќ“

 

Но, читајќи ја книгата се најдов затекната од темата која овој поет ја опфатил во својата стихозбирка. Она исконското, создавачкото на сè околу нас, прекриено со боите на Божилакот (виножитото), односно природата ќе биде мотивацијата која ќе „загосподари“ во стиховите  на Филип.(цитирам):

 

„А јас, пеам за мајката

што животот ми го подари

за природата во моите песни пеам

за мајката што со постоењето господари“

 

Некако ми се чини дека ова се мотиви кои ги окупираат повозрасните поети, бидејќи тие минувајќи ги сите фази и сите збиднувања од животот кои ги опеале во своите песни, сега се навраќаат на природата како нешто од каде сè потекнува и каде сè завршува. Но, еве овој млад поет докажува и покажува дека природата е таа која треба да биде секогаш мотив кон кого треба да се навраќаме, бидејќи нејзините бои, нејзиниот живот се непресушен извор од кој можат да се излеат прекрасни стихови. Негова инспирација се цвеќињата, водата, ветрот, тревата, птиците, мирисите, старото дрво, па дури и каменот за кого вели дека има душа, кои Филип персонифицирајќи и претставувајќи ги метафорички ни откриваат една вистина (цитирам):

 

„Оти природата сè со љубов создава

и ние од љубов сме создадени

од љубов постоиме

и само со љубов ќе опстоиме.“

 

Тој во своите описи нити  ѝ додава, нити ѝ одзема нешто, едноставно ја пресликува природата онака како што ја гледа, чувствува, онака како што ја осознава, со сите нејзини бои, мириси и звуци.

 

Филип Димкоски ја опишува природата како најмоќниот градител, како рака која безрезерно дава, таа со љубов создава сè што е во неа и околу неа.

 

Во стихозбирката доминира пејзажниот мотив, но поетот иако пее за природата воопшто, сепак има стихови, во кои тој ни открива дека пее за природата на својата Татковина, убавините на својата, нашата Македонија. Овде ги препознаваме убавините на Охридското Езеро, Дојранското Езеро, планините, најубавото виножито кое се создава над нив. А во центарот на природата Филип го сместува човекот, но не деструктивниот, туку оној кој ја почитува, и се восхитува, ја љуби природата која создава живот.

 

Песните се напишани на еден лесен, разбирлив, приемчив стил и јазик, но сепак раскошен со бои, изрази и сликовит до таа мера да не пренесе на местото за кое пее и да го видиме со поетовите очи.

 

Вештата употреба на персонификацијата, метафората и компарацијата не довдедуваат до степен да ја доживееме природата навистина како божилак на исконот, а Македонија како исконска земја.

 

Но, поетот во песната „Плачат“ која му ја посветува на човекот опоменува, да се сака и почитува природата зашто:

 

„Во неа е силата, моќта и убавината

во неа е сè,

таа без тебе може,

но ти без неа не!“

 

Живеејќи во динамично време и брзајќи да го стасаме, забораваме да погледнеме до нас, околу нас и да му се восхитуваме на животот подарен од најголемета создателка – природата. Затоа за крај почитувани гости топло ви ја препорачувам оваа стихозбирка на Филип Димкоски бидејќи како што вели тој:

 

„Цвеќето венее оти не го мирисаш,

листот плаче оти не го милуваш,

птицата плаче оти не ја слушаш,

тревата плаче оти во зеленилото

не ѝ  се насладуваш…“

 

А јас би додала: Прочитајте ја стихозбиркава бидејќи со разоткривањето на чувствто на интимност на поетот со природата  ќе го препознаете сопственото.

 

            Проф.  Љупка Стојменова

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.