МАМО, ШТО Е ТОА ВОЈНА?

Мамо, што е тоа војна?

-Ништо сине, далеку е тоа од нас.

Бев многу малечка кога прв пат го слушнав зборот “војна”. Не знаев што точно значи, ама бев сигурна дека е нешто многу лошо. Татко ми го попушташе тонот на телевизорот секогаш кога на вестите зборуваа за некоја војна, и ни велеше да бидеме тивки, а мајка ни не испраќаше да си играме. Баба ми често знаеше да си зборува сама на себе- “ах таа пуста војна ќе ја снема ли некогаш.” Имав слушнато дека роднини и загинале во војна. Мислев дека е некоја голема дупка во која паѓаат луѓето, или дека е некоја страшна шума како од приказните во која можеш да се загубиш и никогаш да не те најдат. За разлика од денешниве деца, ние никогаш не си игравме “војна” ниту нешто слично затоа што не знаевме како се игра. И добро што беше така.

Кога малку потпораснав, одевме на гости кај вујна ми, и ни кажаа да бидеме мирни, паметни затоа што имаат една девојка на гости, внука на вујна ми од Србија. И навистина бевме мирни и паметни па не носеа неколку пати. Ама девојчето се уште беше таму. И дека ние бевме паметни, од дома не воспитуваа дека на гости не се седи многу, не е пријатно. Па таква како што ме дал господ, прашав зошто уште е тука девојката, кога ќе си оди. Малку непријатна тишина, ама дете бев па никој не можеше да ми земе за зло, а и имаа поголемо зло во моментот од моето несмасно прашање. Па вујна ми со блага насмевка ми рече- “Нема да си оди, ќе остане некое време да живее кај нас. ” – А зошто? Праша мојата малечка сестра. Мајка ми не повлече накај себе и ни рече дека таму кај што живее има војна и дека ќе остане тука додека не заврши. Побрзав да прашам: -А далеку ли е тоа од нас? Да, далеку е- ми рекоа неуверливо.

Не помина многу време, едно студено утро кога се разбудив, слушнав како моите разговараат дека не мириса на арно, изгледа ќе има војна. Ја отворив вратата, плачејќи реков дека не сакам да има војна. Замолив да нема, добро тато? -Добро, добро, не плачи, тебе не треба да те загрижува тоа, ти не мисли на такви работи. И само што мајка ми сакаше да ми каже нешто, ја прекинав кога и реков: -Не ми кажувај дека е далеку од нас, знам дека не е. Само молчеше. Ама колку и да сакаа  да не оддалечат од тоа, не можеа. И двајцата чичковци,брат и братучет на татко ми, беа во специјалните единици на армијата на Р. Македонија, на првите борбени линии за одбрана на својата татковина. Тоа од нас не можеа да го сокријат. И ние ги испраќавме кога одеа, и немоќни беа да ги сокријат солзите кога ги држеа во прегратка. Се давев во солзи кога ме гушкаа и ми велеа да бидам добра и паметна и да ги чувам сите дома. И секогаш ветуваа дека ќе правиме нешто кога ќе се вратат. За да ни влеат надеж дека ќе се вратат. Дома одбегнуваа да гледаат вести пред нас. Ама бадијала, војната беше тука насекаде околу нас. Ја гледавме на телевизија, ја слушавме на радио, на улица, во училиште, ја читавме во весниците. Секаде за тоа зборуваа. Кога ќе заѕвонеше телефонот дома, сите трчавме да се јавиме. Па застанувавме до него, и никој немаше храброст да ја крене слушалката. Кој и да ја кренеше, молчеше без да диши. Па кога ќе речеше- “Аа ти си”,  сите воздивнуваa и се повлекувaa.

Едно топло утро, само што на вести кажаа дека имало нова жестока престрелка во која има загинати и повредени, заѕвони телефонот. Ѕвонењето како да предизвикуваше болка во умот и во срцето. Татко ми се јави. Освен, “да”, “добро”, “како” и “кога”, не кажа ништо друго. На крај праша: -Многу ли е лошо? Плачевме во глас сите додека тој ни кажуваше како чичко ми, неговиот прв братучет, е ранет во престрелката и … и состојбата му е многу лоша. Ја погледна немо мајка ми. Таа не погледна нас. Како да сакаше да ми каже дека и е жал што еднаш ми рече дека војната е далеку од нас. После 5 дена тигровска борба за живот, откако знам за војната, тој ден беше најблиску до нас. Кога го погребавме чичко ми. Ни влезе в куќи без срам. Светот сега беше тука, сите тие лица од телевизорот што како мала ги гледав, сега беа нашите. Си помислив и некое друго девојче од другата страна на ридот  во истиов овој миг можеби плаче за својот татко, вујко, чичко, брат. Плачев уште посилно и за неа. Ја замразив војната како никогаш дотогаш.

После некој ден, прочитав нешто што ми се допадна, и побрзав да им го кажам дома. Влегов во дневна и гордо им реков: -Треба да водиме љубов, а не војни. Татко ми ме погледна под око, а мајка ми ми рече- Срамота! Демек мала сум уште да зборувам за љубов. Срамота? Мала сум за љубов, а не сум мала да сведочам за крвопролевање, за мајчини непресушни солзи, за црнила, за болки во душата како отворени рани? Срамота? Срамота е да се љуби, а не е срамота да се војува?

Животот продолжи, војната заврши, или барем така мислевме. Заврши една, но не сите војни. Светот продолжи да војува. И никому не му беше срам. Бесрамно се убиваа луѓе, се зацрнуваа семејства домови, држави. Светот бесрамно извојуваше крвави победи, и тоа секојдневно. И никому не му беше срам. А јас ќе добиев шлаканица и требаше да се срамам затоа што зборував за љубов. Светот војуваше, но пак ме залажуваа оние зборови на мајка ми од детството дека далеку е војната од нас. И живеевме мирно и питомо, се додека не се случи Диво насеље. Пак се отворија стари рани, кои одвај зараснале, пак се вратија спомени лоши, и само сакавме да не се повтори историјата.

Да, ама историјата за некои луѓе постојано се повторува, или една иста е. Размислував себично, дека нели секој својот двор си го гледа. Ама некои луѓе таму некаде постојано и гледаат на војната во очи. Некои деца никогаш не заборавиле. Некое тло постојано се тресе затоа што војната постојано му е зад петици. Милиони луѓе одамна заборавиле како е да живеат спокојно и мирно, без страв. Светот гори пред нашите очи. Сирија, Ирак, Нигерија, Авганистан, Јемен, Палестина, Либија, Украина, Турција… Се случи и Њујорк, Лондон, Мадрид, Париз, Анкара, Брисел… Но јас не гледам причина да се именуваат по држави, градови, националности и вера. Јас ги нарекувам само ЛУЃЕ.

Да драги мои, луѓе умираат секојдневно, невини луѓе кои прашуваат –Зошто? И јас Ве прашувам, зошто? Има ли крај? Кога ќе престане? Имаме ли резервен свет, па на овој се коцкаме? Има ли дно таа дупка во која паднавте? Има ли крај шумата во која се изгубивте?

Многу работи ми се разјаснија, многу работи знам за неа и многу разбрав во врска со оваа “војна”.
Само едно не знам- Кога ќе заврши?

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.