Доживувањето во музиката – тема на новата книга на д-р Дуња Иванова

Деновиве од печат излезе втората книга на д-р Дуња Иванова под наслов „Рецепцијата на музичкото дело во естетичките теории на 20-от век“, која наедно ја претставува и докторската дисертација на авторката. Иванова докторатот го одбрани минатата година на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, под менторство на проф. д-р Иван Џепароски.

„Рецепцијата на музичкото дело во естетичките теории на 20-от век“ го има доживувањето на слушателот како лајт мотив, кој низ содржината на трудот упатува на музичкиот концепт како уникатен производ создаден во моментот на воспримање на музиката. Во книгата се презентирани различни идеи кои орбитираат околу доживувањето, при што имаат за цел да делуваат стимулативно врз истражувањето и изучувањето на звучниот феномен и во истовреме да го поттикнат предизвикот за теоретизирање. Всушност, доживувањето на слушателот претставува предметот на ова истражување, и тоа се провлекува како лајт мотив од првата па се до последната страница на трудот.

„Рецепцијата на музичкото дело во естетичките теории на 20-от век“ наоѓа своја примена и во педагошката дејност, поточно во областа на естетиката на музиката и музикологијата. Оваа книга ја пополнува празнината во музичката литература во земјава. Со нејзината објава се дава и скромен придонес и кон фондот на македонската теориска мисла, поточно кон литературата на македонски јазик која третира теми од областа на музиката и естетиката.

Д-р Дуња Иванова (1985, Скопје) е автор и на книгата „Естетското доживување на музиката“, што претставува нејзин магистерски труд на Институтот за филозофија. Наедно, Иванова магистрира и на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано (2010). Особено значајни се нејзините рецитали кои што изминативе години ги одржа, посветени на авторите претставници на модерната класична музика, како Збигњев Прајснер, Арво Парт, Филип Глас, Руичи Сакамото и Лудовико Еинауди.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.