Врвната пијанистка Тамара Стефановиќ солист со Македонската филхармонија

Поради болест, пијанистот Лукаш Вондрачек го откажа своето гостување во Скопје.

На симфонискиот концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи на 27 октомври во Домот на АРМ во 20 часот, насловен „Рапсодија“, ќе настапи врвната пијанистка од Србија со завидна светска кариера, Тамара Стефановиќ!

Пијанистката Тамара Стефановиќ која настапува во сите прстижни концертни сали во светот, соработувајќи со врвни диригенти како Еса-Пека Салонен и Владимир Ашкенази, ќе го изведе атрактивниот Концерт за пијано бр. 21 од Волфганг Амадеус Моцарт.

Оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапи под диригентската палка на импресивниот маестро Јерухам Шаровски од Израел, а на програмата се и атрактивната Увертира од операта „Руслан и Људмила“ од Михаил Глинка, како и Првата симфонија од Дмитри Шостакович, дело кое ќе го направи популарен рускиот музички композитор и надвор од неговата земја.

 

Тамара Стефановиќ биографија:

Српската пијанистка Тамара Стефановиќ (1973, Белград) се смета за една од најдобрите уметници во својата земја со завидна светска кариера. Нејзиниот богат репертоар го исполува во сите престижни концертни сали во Европа и во светот, вклучувајќи ги и „Карнеги хол“ во Њујорк, „Сантори хол“ во Токио, Берлинската филхармонија, „Ројал фестивал хол“ во Лондон, „Ројал алберт хол“, „Барбикан центар“ и „Вигмор хол“. Постојано настапува на светските фестивали за класична музика, како солист, но и како камерен музичар со врвни оркестри, вклучувајќи ги и Лондонската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Чикаго, Камерниот оркестар „Сент Пол“… Во 2012 година, Стефановиќ беше дел од трунејата со Јунге Дојче Филхармонијата изведувајќи го гигантското ремек-дело од францускиот современ композитор Оливје Месијан, Симфонијата „Турангалила“, која наиде на мошне позитивни критики. Неодамна одржа и серија од рецитали, меѓудругите и во Саутбанк центарот во Лондон на престижните Интернационални пијано серии како дел од програмата „The Rest is Noise“ во Вигмор хол, а потоа и во „Мјузикгебау“ во Амстердам. Досега соработувала со импресивните диригентски имиња како Еса-Пека Салонен, Владимир Ашкенази, Сузана Малки, Владимир Јуровски, како и водечките современи композитори Пјер Булез, Питер Отвош и Џорџ Куртаг. Покрај класичната музика, во фокусот на интересирањето на Стефановиќ се и модерните музички жанрови, и настапувала во проекти со современи танчари, актери, со диџеи. Едно од нејзините најнови изданија е и „Греми“ номинираното ЦД со Концертот за две пијана, перкусии и оркестар од Бела Барток со францускиот пијанист Пјер Лорен Ајмар, Пјер Булез како диригент и Лондонскиот симфониски оркестар за „Дојче грамофон“, како и Концертот за две пијана од Моцарт со истакнатиот диригент Џонатан Нот, со Пјер Лорен Ајмар и „Камерата Салцбург“ за ТВ „АРТЕ“. Досега снимала за издавачки куќи како „АВИ“ и „Хармонија Мунди“, вклучувајќи и снимки од рецитали во живо во изведба на дела од Рахмањинов, Лигети, Бах, Моцарт, Хајдн и Стравински. Во 2014 година, под капата на „Хармонија Мунди“ го реализира ЦД-то со изведба на дела од австрискиот композитор Томас Ларчер, а нејзиното најново издание содржи дела од истакнатиот современ композитор Ханс Абрахамсен. Тамара Стефановиќ почнала рано да изучува музика и својот прв рецитал го одржала на седум години, со тоа што станала најмладиот студент на Универзитетот во Белград на само 13 години. Магистрирала на 19 години, а исто така студирала на Институтот за музика „Куртис“ во Филаделфија со Клод Франк, како и со Пјер Лорен Ајмар на Универзитетот во Келн.

 

Јерухам Шаровски биографија:

Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски (1956) рано почнал да изучува музика. Студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во својот град. Во раните 70-ти емигрирал во Израел каде што дипломирал на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски бил избран од славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“ кога ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. По турнејата во поранешна СССР, која за него била мошне значајна во кариерата, во 1991 година станал уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски овој оркестар добил статус на еден од најпопуларните симфониски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. Од 1998 до 2004 година, маестро Шаровски раководел и со Бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Жанеиро, со кој патувал на турнеи во Бразил и во Европа и снимил четири цедеа. Тогаш го формирал Младиот симфониски оркестар на Бразил, кој прераснал во еден од најпознатите ансамбли во земјата. Со БСО заминал на турнеја и во САД, кога во„Централ парк“ во Њујорк, како и во центарот „Линколн“ одржал концерти пред 50-илјадна публика, кои биле високо оценети од публиката и од критиката. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со повеќе од 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радиски оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Маестро Мазел го предложил маестро Шаровски да биде и дел од жирито на „Мазел интернационалниот натпревар за диригенти“ (2002). Широк е неговиот репертоар и во однос на оперските изведби, а во последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мастер часови на значајни универзитети во светот.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.