„Виолински бравури“ со брилијантната Сихана Бадивуку

Македонската филхармонија ве води на уште еден возбудлив концерт со прекрасна музика и одлични солисти!

На 23 февруари во Домот на АРМ во 20 часот, ќе се одржи симфонискиот концерт „Виолински бравури“ на кој како солист ќе се претстави една од најпрефинетите виолинистки кај нас, Сихана Бадивуку. На програмата се виртуозните „Циганка“ и Интродукција и рондо капричиозо од француските музички мајстори Морис Равел и Камиј Сен Санс.

Прв пат во Македонија, гостува извонредниот диригент Со Аватсуџи од Јапонија, добитник на наградата на Македонската филхармонија на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“.

Под негова диригентска палка, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведе и премиерата на делото „Бескрајно сега“ од македонскиот влијателен композитор Илија Пејовски, со што се одбележуваат 70 години од неговото раѓање, како и лирската Симфонија во Це од Жорж Бизе.

Инаку, меѓународниот натпревар за млади диригенти „Ловро фон Матачиќ“, отворена за диригенти до 35 годишна возраст, е едно од најпрестижните признанија во регионот. Особено е значајно што и Македонската филхармонија е вклучена во оваа манифестација, што е сместена на мапата на важните музички настани, со оглед на фактот дека маестро Ловро фон Матачиќ силно влијаел во почетоците на развојот на оваа институција и воопшто на музичкиот живот во земјава. Наградата ја добиле врвни диригенти кои сега градат навистина успешна кариера во светот.

[su_custom_gallery source=”media: 10497″ limit=”5″ link=”lightbox” width=”590″ height=”960″ title=”never”]Погледнете ги парчињата женска облека инспирирани со Математички теми.[/su_custom_gallery]

Младиот јапонски диригент со интернационална кариера Со Аватсуџи (So Avatsuji) – 1989, роден во Кјото, од 2007 до 2011 година студира со проф. Нобутака Масуи на Градскиот универзитет на уметностите во неговиот роден град, додека од 2012 до 2015 година студира со проф. Мартин Сигарт на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија. Во моментов ги продолжува студиите на Универзитетот за уметности во Цирих, Швајцарија, под менторство на проф. Јоханес Шлафли. Маестро Аватсуџи посетувал и мајсторски часови кај врвните диригенти Давид Цинман, Бернард Хаитинг, Еса-Пека Салонен и Колин Метерс. Досега, маестро Аватсуџи диригирал со Загрепската филхармонија, Јаначек филхармонискиот оркестар (Чешка), со Филхармонискиот оркестар на Русе, Државниот оркестар на Пловдив (Бугарија), Хрватскиот камерен оркестар, со Симфонискиот оркестар на Осака… Настапот на маестро Аватсуџи во Скопје, е награда што Македонската филхармонија ја додели на натпреварот за млади диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во 2015 година.

Виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа (1967) се смета за една од најпрефинетите музички уметници од т.н. средна генерација. Потекнува од музичко семејство и со музиката се среќава уште на млади години. По средното музичко училиште во Приштина  и работата со проф. Павел Верников, Ванчо Стоилков и Благоја Димчевски, образованието го стекнува на престижниот Конзерваториум „Петар Илич Чајковски“, најпрвин во Киев, со проф. Богодар Которович, а потоа и во Москва каде што дипломира и магистрира во класата на проф. Евгенија Чугајева. Потоа добива стипендија и заминува на студии во Школата за музика во Детмолд, Германија, во класата на проф. Јанг Учк Ким. Сихана Бадивуку кариерата ја продолжува на меѓународните концертни подиуми, а паралелна преокупација се нејзините мастер-класи кај видни уметници и педагози, како и учествата на престижни меѓународни натпревари во земјава и во светот. Во 1994 година посетува курс во Сиена (Италија) на „Academia Chigiana“ со проф. Уто Уги, а има учествувано на меѓународни натпревари за виолина („J.S.Bach“ во Лајпциг и „R. Lipizer“ во Гориција (диплома како полуфиналист), „Ј. Szigeti“ во Будимпешта итн. Има учествувано на неколку меѓународни фестивали во земјава, во Албанија, Италија, Бугарија, Словенија… Солистичките и камерните настапи за Бадивуку се силна мотивација, а позитивните критики од стручната јавност и од публиката ја ставаат на висока позиција во музичкиот свет. Има одржано концерти во Косово, Македонија, Албанија, Бугарија, Германија, Италија, Русија, Финска, Ирска, Шпанија, Словенија, Белгија и во САД. Нејзиното огромно искуство годиниве наназад го пренесува на своите ученици, кои го продолжуваат нејзиниот успешен уметнички пат. Од 1992 година е професор на Факултетот за уметности во Приштина, од 2000-та концерт-мајстор на Косовската филхармонија, виолинист во ансамблите „Вивенди“, „Музика Балканика“ и „Стринг трио Косово“ и има настапувано со истакнати уметници во камерни ансамбли, меѓу нив и Павел Верников, Дерек Хан, Метју Барли, Пјерлуиџи Камичија, Франческо де Жан, Бертран Гиро итн. Има активна професионална соработка со пијанистите: Лејла Пула, Теута Плана, Мери Стоилкова, Зана Бадивуку, Јоуни Сомеро, Маја Кастратовиќ и Дерек Хан. Во 2011 година, Сихана Бадивуку го објавува цедето „Брамс сонати“ со пијанистот Јоуни Сомеро во Финска. Дел е од дуото со Маја Кастратовиќ, со која имаат активна професионална соработка од 1994 па сè до денес.

 

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.