Четири годишни времиња и малку љубов – самостојна изложба на Ерина Богоева

Човекот како неделив спој со природата на свој начин ги доживува нејзините различни промени низ циклусот на нашето поднебје како четири годишни времиња. На истиот начин и фотографот и низ својата душа и низ својот објектив ја овековечува симбиозата на промените во природата и своите чувства. Ако вашите спомени за годишните времиња се поклопат со окото на фотографот во одредената секвенца во која е создадена фотографијата тогаш би било убаво тој спомен да можете да си го однесете дома или да го подарите некому. А љубовта….? Што сѐ може да се каже за љубовта….?! Но, во овој случај за неа проговорува уличната уметност со многу едноставен јазик одново во вид на безверемен кадар во објективот на фотографот. И одново, прикажано на овој начин, таа љубов станува достапна до сите нас.

-Изложбата е од продажен карактер-

Ерина Богоева е родена на 02.07.1988 во Скопје. Нејзините почетоци во уметноста и поконкретно во фотографијата се во програмата на Меѓународната матура, во склоп на средното образование во гимназијата „Јосип Броз- Тито“ во Скопје. Таа е самоук фотограф и активно се занимава со фотографија од 2007г. За тоа време Ерина била дел од многу изложби („Плоштад Фотографика“, „Денови на Македонска Фотографија“, „Урбан Пејсаж“, „Хуманоста за Јоце не познава граници“, „Микро Изложба“, “Инстаграмџии“), како и креативни групни и самостојни проекти во Македонија и надвор од неа. Во 2009г таа е добитник на награда во младинската категорија на Деновите на Македонската Фотографија, а во 2012г. таа добива прва награда за фотографија на тема „Скопје од мој агол“. Во 2013г. таа е дел од „Fearful visions“ проектот во Берлин со своја фото-поставка. За време на нејзините студии во Нотингам (2013-2014) по филм, телевизија и екранска индустрија, таа станува фотограф за „The New Theater“ при Нотингам Универзитетот и нејзини фотографии се појавуваат во тамошното списание „Impact“. Во 2015г. се приклучува на жирито на проектот „Фото на неделата“ организиран од ЏаБест и станува дел од уредувачкиот тим на македонскиот фото-блог Revoshot. Во мај 2016 таа ја има својата прва самостојна изложба под наслов „Животот на улиците во Европа“ во во изложбениот простор на ЕУ Инфо Центарот како дел од програмата на Денот на Европа. Оваа изложба беше организирана и во рамки на серијата „Културни приказни” на ЕУ Инфо Центарот на Делегацијата на ЕУ во Скопје. Во октомври 2016, Ерина ја има својата втора самостојна изложба, насловена „Небото над Скопје“, во склоп на манифестацијата Бела Ноќ, во Скопје.
Ерина Богоева е дипломиран филолог на катедрата по Англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Р.Македонија и магистар по Филм, телевизија и екранска индустрија при Нотингам Универзитетот, Велика Британија. Таа освен како фотограф работи и како театарски продуцент.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.