„Чајковски: смеа и тага“ – концерт на Македонската филхармонија со врвниот Иштван Вардаи на виолончело

На 16 март (четврток) во Домот на АРМ во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи симфониски концерт под наслов „ЧАЈКОВСКИ: СМЕА И ТАГА“, на кој како солист ќе настапи еден од најдобрите виолончелисти во светот, Иштван Вардаи од Унгарија. Повеќенаградуваниот уметник, кој свири на легендарниот инструмент Страдивариус „Ди Пре-Харел“ (1673), виолончело кое пред него било во сопственост на познатата Жаклин ди Пре, пред македонската публика ќе настапи со Рококо варијациите за виолончело и оркестар од П.И.Чајковски.

Под диригентската палка на маестро Кејс Скалионе, оркестарот на Македонската филхармонија по подолго време ќе ја изведе Шестата симфонија насловена „Патетична“ од рускиот гениј Чајковски, која се смета за најубавите симфонии на сите времиња. Од богатиот опус на Чајковски – оркестарска, камерна музика, балети, опери посебно место заземаат неговите симфонии, а меѓу нив е најпозната токму „Патетична“. Авторот ја создал непосредно пред неговата смрт, во миговите на депресија и сомнеж во својот креативен дух. Чајковски, незадоволен од резултатот, често ја кинел партитурата, но, по бројни исправки, почнал да верува дека тоа е можеби еден од неговите најдобри трудови, сметајќи дека таа е „завршен камен на целото негово творештво“ и „најискреното дело кое некогаш го напишал“.

Рококо варијациите за виолончело и оркестар оп. 33, пак, се смета за едно од најомилените дела во литературата за виолончело. Чајковски бил инспириран од Моцарт, а за да го создаде ова дело му помогнал Вилхелм Фиценхаген, германски виолончелист и негов колега, професор на Московскиот конзерваториум. Чајковски токму за него ја напишал композицијата, а Фиценхаген прв ја извел во Москва во 1877 година, под диригентство на Николај Рубинштајн.

Иштван Вардаи: „Унгарецот Иштван Вардаи е најдобриот виолончелист на светот“, ќе напише „Дејли њус“. Овој повеќенаградуван уметник, роден во 1985 година, откако ќе дебитира во Хаг на свои 13 години, ќе ги окупира сцените во Њујорк, Лондон, Париз, Прага, Виена, Минхен, Франкфурт, Москва, Токио…, соработувајќи со врвни оркестри и диригенти како што се Адам Фишер, Хауард Грифит, Николас Паскет, Маркус Бош… На само 12 години, Вардаи е примен во класата на прочуениот Ласло Мезо како посебно надарен музичар на Академијата „Франц Лист“ во Будимпешта. Во 2005 година заминува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена да студира со виолончелистот Рајнхард Лацко, а во меѓувреме посетува мастер-часови кај истакнатите Гидон Кремер, Наталија Гутман, Јури Башмет, Андрас Шиф, Наталија Шаковскаја. Во 2010 година е награден со двегодишна стипендија „Борис Пергаменчиков“ за мастер-часови на Академијата „Кронберг“ во Германија со проф. Франс Хелмерсон. Добитник е на многу награди на меѓународни натпревари, меѓу кои и три награди на „Давид Попер“ во Будимпешта (2000, 2003 и 2004), специјална награда „Емануел Феурман“ во Берлин, прва награда на „Јоханес Брамс“ во Австрија. Во 2007 година станува лауреат на престижниот меѓународен натпревар „Чајковски“, а во 2008 година на 63. Интернационален натпревар во Женева. Во 2012 година, пак, ќе ја добие престижната „При Монтблан“ како еден од најнадежните млади музичари во светот, а во 2014 година престижната АРД на натпреварот по виолончело во Минхен. Како камерен музичар, исто така, соработува со видни имиња, меѓу нив и Шиф, Кремер, Башмет, Миша Мајски, Александар Ситковецки… Иштван Вардаи, заедно со виолинистот Кристоф Барати, е уметнички директор на водечкиот фестивал на камерна музика во Унгарија – „Капосфест“. Вардаи свири на познатиот легендарен инструмент од фабриката „Ду Пре-Харел“ Страдивариус (1673), виолончелото на познатата Жаклин Дупре, кој на подарок го добил од страна на некој Германец кој сакал да остане анонимен, како и на виолончело Монтањана од 1720 година. Неговото прво ЦД (2009) содржи дела од Јаначек, Прокофјев и Елгар, следната година го снима Концертот за виолончело од Јохан Баптист Ванхал, а во 2013 година издава ЦД со дела од Менделсон, Мартину, Паганини, Бетовен и Попер. Во 2014 година го издаде и ЦД-то со две верзии на Рококо варијациите од Чајковски.

Кејс Скалионе: Американскиoт диригент Кејс Скалионе постојано ги импресионира оркестрите од целиот свет со „сензитивни и внимателни изведби на музичките дела“, како што критиката ги опишува неговите настапи. Зад себе има импресивна кариера диригирајќи со значајни оркестри во светот. Во концертната сезона 2016/17 дебитира со Норландсоперан оркестарот во Шведска, Камерниот оркестар на Лозана и со Филхармонискиот оркестар на Тампере, Финска, а се враќа да диригира и со Симфонискиот оркестар во Кристијансанд во Норвешка, како и со Филхармонијата на Брно. По претходните успеси со Симфонискиот оркестар на Далас, повторно е поканет да биде гостин-диригент на овој престижен американски оркестар. Првпат оваа сезона, маестро Скалионе настапува и со симфониските оркестри во Феникс и со Сарасота. Минатата особено успешна година за маестро Скалионе ја одбележаа настапи со Симфонискиот оркестар на Детроит, Филхармонијата на Луксембург и оркестарот на „Џулијард“ во „Алис Тули хол“ во Њујорк. Во Јужна Америка настапува со Националниот симфониски оркестар на Колумбија, а дебитира и во Франција и во Германија. Редовно диригира и во Азија настапувајќи со симфониските оркестри на Шангај и на Гуангжу, со Филхармонискиот оркестар на Кина и со Филхармонијата на Хонг Конг. Во 2011 година е назначен за асистент-диригент во Њујоршката филхармонија, позиција што специјално за него ја обезбеди музичкиот директор Алан Гилберт, а истата година ја доби наградата за диригирање од Фондацијата „Шолти“. Тој е страстен поборник за изведба и на оперската и на симфониската музика, но многу се посветува и на современата музика. Три години работи како музички директор на Фондацијата за млади музичари и дебитантски оркестри на Лос Анџелес, следејќи ги стапките на реномирани диригенти како што се Мајкл Тилсон-Томас и Лоренс Фостер. Критиката за Скалионе ќе каже и дека е авантурист и дека сака да истражува нови изрази, па така неговиот репертоар вклучува дела од Моцарт до Лигети, меѓу нив и повеќе светски премиери, заклучно со премиерата на симфонијата „Доктор Атомик“ од Џон Адамс во Лос Анџелес со Дебитантскиот оркестар составен од млади музичари. Пред неколку години има серија концерти со Њујоршката филхармонија и славниот виолинист Џошуа Бел кога се прослави како извонреден асистент-диригент. Скалионе дипломирал на Институтот за музика во Кливленд и магистрирал на Институтот Пибоди каде што студира во класата на Густав Мејер. Работи под менторство на Дејвид Цинман на Американската академија за диригирање во Аспен, каде што му се доделени и наградите „Џејмс Конлон“ и „Аспен“.  Посветен е и на музичката едукација и постојано одржува часови по диригирање на Музичката академија „Џулијард“.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.