Главниот хорнист од престижната Берлинска филхармонија доаѓа во Скопје!

Македонската филхармонија, на 30 март (четврток)во Домот на АРМ во 20 часот,ќе одржи симфониски концерт под наслов „Моцартовата хорна“, на кој како солист ќе настапи првиот хорнист од престижната Берлинска филхармонија, Штефан Дор од Германија. Еден од најбараните хорнисти во Европа и во светот, за македонската публика ќе изведе два Концерти за хорна и оркестар бр. 1 и бр. 4 од музичкиот гениј В. А. Моцарт.

[su_custom_gallery source=”media: 11820″ limit=”1″ link=”lightbox” width=”640″ height=”900″ title=”never”][/su_custom_gallery]

Диригент на концертот е нашиот маестро Борјан Цанев, а оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе и комплексните, но мошне интересни дела – симфониската поема „Остров на мртвите“ од Сергеј Рахмањинов, како и фрагменти од балетот „Спартак“ од Арам Хачатуријан.

Опусот на уметничкиот гениј Волвганг Амадеус Моцарт е навистина импресивен не само во однос на квантитетот, туку речиси сите негови дела, во зависност од формата, се вбројуваат меѓу најдобрите во историјата на музиката. Такви се и неговите Концерти за хорна во кои композиторот го искажува совршенството на формата и леснотијата во водењето на навидум едноставните мелодии.

„Остров на мртвите“, пак, на еден од најголемите руски композитори Сергеј Рахмањинов е инспирирана од истоимената слика на швајцарскиот уметник Арнолд Беклин, најславното уметничко дело од времето на симболизмот, која Рахмањинов ја видел во Париз. Делото го завршил во 1908 година додека престојувал во Дрезден. И таа е класичен пример како треба да „звучи“ рускиот доцен романтизам.

Балетот „Спартак“ на руско-ерменскиот композитор Арам Хачатуријан е инспириран од животот на римскиот бог Спартак и востанието на робовите, но композиторот тежнеел да се ослободи од историскиот контекст. Хачатуријан за ова дело ја добил престижната награда „Ленин“ истата година кога го напишал.

[su_custom_gallery source=”media: 11823″ limit=”1″ link=”lightbox” width=”740″ height=”520″ title=”never”][/su_custom_gallery]

Штефан Дор (Stefan Dohr):

Германецот Штефан Дор (1965) во моментов е главен хорнист во престижната Берлинска филхармонија и еден од најбараните хорнисти во Европа како солист. И самиот ќе каже дека никогаш не замислувал дека ќе работи токму во Берлинската филхармонија, оркестар кој, вели, е мошне значаен за сите музички уметници и кој нуди исклучителна можност тие да се истакнат и како солисти. Дор е постојано ангажиран да одржува мастер часови, а предава хорна на Академијата „Херберт фон Карајан“. Првите часови по музика ги започнал со свирење на виола, но откако го слушнал на концерт познатиот хорнист Херман Бауман, одлучил дека хорната ќе биде негов главен инструмент. По студиите во Есен и во Келн, тој станал главен хорнист во Операта во Франкфурт, а потоа на истата позиција е ангажиран во Фестивалскиот оркестар на Бајрот, во Филхармонијата на Ница и во Германскиот симфониски оркестар во Берлин. Во Берлинската филхармонија е од 1993 година. Како солист соработувал со врвни диригентски имиња, меѓу нив и Даниел Баренбоим, Клаудио Абадо, Сер Сајмон Ратл и Бернард Хаитинк. Покрај класичниот и романтичниот репертоар за хорна, во фокусот на интересирањето на Дор се и делата од современите автори како Лигети, Киршнер и Кнусен. Извел голем број на концерти за хорна посветени токму нему, од автори како Волфганг Рим, Тошио Хосокава и Хорхе Лопез. Уште една негова пасија е камерното музицирање кое подразбира не само соработки со колегите од Берлинска филхармонија, туку ангажмани и со многу други исклучителни музичари. Член е на ансамблот „Виена-Берлин“, на Октетот на Филхармонијата и на ансамблот хорни на Берлинската филхармонија.

Борјан Цанев:

Добитникот на македонското признание „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, магистрира на Државната музичка академија во Софија и специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев има многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во Македонија и во странство. Од 2002 година до денес е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Покрај гореспоменатите, Цанев диригирал и со Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ – Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со ансамблот за современа музика „Алеја“ и др. Настапувал со светски реномирани солисти и диригирал на сите реномирани фестивали во Македонија, како и на многу фестивали во странство. Во 2010 година, Сојузот на композиторите на Македонија му ја додели наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски композитор.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.