Сопранот Милена Арсовска со Македонската филхармонија

„Гласот на славејот“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи на 27 април во Домот на АРМ во 20 часот. Под диригентската палка на извонредниот Даниел Рајскин од Русија, како солист ќе настапи една од најистакнатите македонски вокални уметници, сопранот Милена Арсовска, која годиниве наназад кариерата успешно ја гради на европските сцени.

За првпат на македонската музичка сцена, ќе биде изведено делото Три песни за сопран и оркестар од аргентинскиот современ и мошне влијателен композитор Освалдо Голијов, кој е познат по својата музичка хибридност – комбинација на традиционалната камерна музика, еврејските литургии и музиката клезмер со примеси на новото танго на Астор Пјацола.

Македонската филхармонија премиерно ќе го изведе и делото „Хипнагогија во Тулијанум“ на младиот македонски композитор Никола Крстевски, кое ја освои првата награда на конкурсот на Министерството за култура во 2015 година.

На концертот „Гласот на славејот“ ќе биде изведена и Симфонија бр. 5 оп. 55 во b-moll „Херојска“ од рускиот композотор Александар Глазунов која е опишана како прекрасна „архитектонска поема“.

Маестро Даниел Рајскин (1970), син на познат музиколог, пораснал во Санкт Петербург каде што музиката одиграла важна улога во неговиот живот. Во музичко училиште се запишал на шест години, а студирал виола и диригирање во славниот конзерваториум во родниот град. Неговиот учител Лев Савич го инспирира да навлезе во светот на диригирањето, а потоа Рајскин се усовршува со влијателни имиња како што се Милан Хорват, Марис Јансонс или Нееме Јарви. На 20 години ја напушта Русија продолжувајќи да студира во Амстердам и во Фрајбург, за многу бргу да стане еден од најбараните виолисти во Европа, како солист, но и како камерен музичар. Познат е како предводник на младата генерација музичари, ставајќи голем акцент на неговите толкувања за музиката, кои ги прави на мошне транспарентен начин, откривајќи ја структурата на едно дело до сите детали, наоѓајќи го поттекстот, вистинската рамнотежа на звукот и енергијата што ја поттикнува кај изведувачите. Од 2005 година, Рајскин станува шеф-диригент на Рајнската филхармонија, а од 2008 година на филхармонијата „Артур Рубинштајн“ во полскиот град Лоѓ. Неговите ангажмани како гостин-диригент се многубројни, патувајќи низ Европа и Азија, вклучувајќи ги и Белградската филхармонија, Естонскиот национален оркестар, Хонг Конг Синфониета, Националниот оркестар во Латвија, оркестарот „Моцартеум“ во Салцбург, филхармониите на Копенхаген, на Прага, оркестарот на Радио-телевизијата во Даблин, Радиосимфонискиот оркестар на Чешка, Загрепската филхармонија, симфониските оркестри на Виена, на Берлин итн. Познати се неговите ангажмани и како диригент на опери, вклучувајќи ги и редовните настапи со „Кармен“ за холандската компанија „Opera Zuid“ во режија на Каликсто Биеито (2006/2007) или „Нос“ од Шостакович во Државниот театар во Кобленц (2010). Рајскин соработува со врвни уметнички имиња какви што се Иво Погорелиќ, Џулијан Рахлин, Миша Мајски, Ланг Ланг, Мидори, Даниел Милер-Шот…

Сопранот Милена Арсовска е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера. Дипломира соло- пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Универзитетот за музика и уметности во Виена. За време на студиите, Арсовска се усовршува и посетува мастер-часови кај познатите Клаудија Виска, Дорин ДеФеис, Џејмс Хупер и Јоан Холендер. Добитничка е на бројни награди и признанија, меѓу кои и на втора награда на натпреварот „Достал оперета“ во Виена, а е финалист на престижниот натпревар за млади пејачи „Лејла Генчер“. Како пејачка, Арсовска дебитира во Македонската опера и балет каде што настапува во продукциите на оперите „Волшебната флејта“, „Свртување на шрафот“, „Италијанка во Алжир“, „Рита“… Виенското деби, пак, во Театарот во Виена доаѓа во 2010 година со настап во оперетата „Лилјакот“, а понатаму настапува во театрите во Магдебург и Прага, како и на повеќе фестивали. Нејзиниот репертоар ги вклучува и улогите на Лаурета во „Џани Скики“, Памина и Папагена во „Волшебната флејта“ и Евридика во „Орфеј во подземјето“, Блонда во „Грабнување од сарајот“ и Церлина во „Дон Џовани“. Минатата сезона, Милена Арсовска настапи во главната улога во операта „Славеј“ од Стравински во Националната опера во Прага, а концертните турнеи ја водат низ Германија, Италија, Шведска, Шпанија, Франција, Малта, Холандија и САД. Нејзините снимени изданија, пак, ја вклучуваат живата снимка на „Чичестерови псалми“ од Леонард Бернштајн со Камерниот оркестар на Виена, а нејзиниот глас е искористен и во музиката за македонските филмови „Големата вода“ и „Војната заврши“.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.