Отворена новата книжарница на „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“

Новата книжарница на „Литература.мк“ официјално почна со работа во саботата (14 јули) во „Скопје сити мол“ (Skopje City Mall). На отворањето, продажниот простор, кој е лоциран на вториот кат од трговскиот, во близина на одделот за храна, го посетија неколку стотици вљубеници на книгата.

„Литература.мк“ носи литературна свежина во најпосетениот трговски центар во Скопје, продолжувајќи да ги пласира светските книжарски трендови, со изданија за целото семејство. Во понудата се познати домашни и светски наслови, од најголемите издавачки куќи кај нас. Застапени се голем избор од белетристиката, книжевноста за деца и стручната литература, на повеќе јазици.

– „Литература.мк“, како веќе препознатливо место за страсните љубители на книгата, вљубеници во пишаниот збор и талкачи низ бескрајниот литературен простор, ќе понуди богат избор на изданија и во „Скопје сити мол“. Зголемените читачки навики и потреби на македонската публика ја наметнаа потребата од отворање нов продажен простор на „Литература.мк“ и во најфреквентниот мол во Скопје, каде што секојдневно доаѓаат граѓани од целата држава, како и многубројни посетители од регионот. Сега, книгите од „Литература.мк“ се уште подостапни за љубителите на пишаниот збор. Со ова ја продолжуваме нашата мисија за подигнување на читачката култура и навика – изјави Дарко Фиданоски, еден од сопствениците на книжарницата „Литература.мк“.

Ова е четврти специјализиран продажен сервис на „Литература.мк“, по интернет-продавницата www.literatura.mk и по книжарниците на улицата „Македонија“ и во ТЦ „Рамстор“ во Скопје.

Почнувајќи од 14 јули, продажниот простор на „Литература.мк“ работи согласно работното време на „Скопје сити мол“, секој ден од 10 до 22 часот.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк