Започна седмата сезона на интернационалниот проект “Фудбал за Пријателство”

 Македонија по трет пат дел од интернационален проект кој го поттикнува и слави спортскиот дух

 

Компанијата Газпром (Gazprom), официјален партнер на УЕФА Лигата на Шампиони, ја започна седмата сезона на “Фудбал за Пријателство“, најголемиот општествено-одговорен проект во светот наменет за деца вклучени во спортот. Македонија оваа година трет пат по ред ќе биде учесник во овој проект кој минатата година во текот на Светското првенство во фудбал во Русија обедини 211 земји и територии од целата планета. Овогодинешниот Форум, дел од проектот, ќе се одржи од 28. мај до 2. јуни во неделата на одржување на финалниот натпревар од УЕФА Лигата на Шампиони во главниот град на Шпанија, Мадрид. Цел на проектот и оваа година е да го поддржи развојот на детскиот и младинскиот спорт, промовирајќи здрав и активен начин на живот и негување на почит и толеранција помеѓу различни нации и култури ширум светот.

 

Момчиња и девојчиња, меѓу кои и деца со физички недостатоци и посебни потреби, секоја година учествуваат во програмата “Фудбал за Пријателство“, во чии рамки заедно промовираат девет вредности: пријателство, еднаквост, фер игра, здравје, мир, посветеност, победнички дух, почит кон традициите и чест.  Македонија и оваа година ќе учествува со свои претставници во рамки на проектот “Фудбал за Пријателство“, локално поддржан од агенцијата “АПРА Портер Новелли Македонија“.

 

Во текот на одржувањето на седмата сезона на проектот “Фудбал за Пријателство“, ќе бидат реализирани различни активности и настани во земјите ширум светот. Составот на “Интернационалните Тимови за Пријателство “ ќе биде одреден во текот на “Отворената Ждребка“, а тимовите ќе бидат именувани по ретки животински видови, во согласност со мисијата на овој проект за заштита на животната средина. И оваа година, низ целиот свет ќе биде одбележан “Интернационалниот ден на Фудбал и Пријателство“, во чии рамки деца и возрасни ќе бидат дел од различни активности за поддршка на проектот – спортски пријателски натпревари и отворени часови за пријателство, притоа разменувајќи “Алки на Пријателство“ – официјален симбол на проектот кој со својата сина боја го означува мирното небо, а со зелената – фудбалскиот терен.

 

Младите Новинари – децата од целиот свет ќе учествуваат во работата на Интернационалниот детски прес центар кој ќе известува за настаните и активностите од новата сезона на проектот “Фудбал за Пријателство“. Децата – новинари ќе се обучуваат да станат вистински репортери и да ги искористат новостекнатите знаења за да известуваат за завршните настани во рамки на проектот кои ќе се реализираат во Мадрид, рамо до рамо со водечки светски медиуми кои и оваа година директно ќе го следат настанот.

 

Покрај своите врсници во улога на известувачи, фудбалски играчи или млади тренери, оваа година за прв пат учество во проектот ќе имаат и млади судии кои посетуваат курсеви за фудбал во своите матични земји. Сите тие, заедно, активно ќе учествуваат во програмата “Интернационален камп за Пријателство“ која опфаќа низа образовни и спортски работилници и активности, предводени од страна на фудбалски асови, тренинзи под будното око на младите тренери, како и стручни предавања и забавни содржини – дел од “Школата за деветте вредности“.

 

Како дел од завршната манифестација ќе биде одржан и “Интернационалниот Форум на Фудбал и Пријателство“. Дополнително, главниот настан од финалната фаза на проектот – “Светско Првенство во Фудбал и Пријателство” ќе се одржи на плоштадот Плаза Мајор, во самото срце на Мадрид. Активностите во рамки на седмата сезона на проектот ќе бидат заокружени со присуство на сите учесници на финалето на УЕФА Лигата на Шампиони кое ќе се одржи на стадионот “Ванда Метрополитано“ (Wanda Metropolitano).

 

“Проектот ’Фудбал за Пријателство’, кој се организира под покровителство на компанијата Газпром, преку спортот негува универзални човечки вредности кај младите генерации. Рушејќи ги сите бариери помеѓу луѓето, овој проект им дава можност на младите да почувствуваат припадност преку неговите цели и овозможува нивниот глас да биде препознаен. ’Фудбал за Пријателство’ како проект ја поттикнува креативната работа во мулти-културен амбиент, со што исклучително допринесува за создавање на глобално спортско општество.“ – истакна Микаел Пуќ (Miquel Puig), Сопственик и Директор на Младинската академија “Soccer Barcelona“.

 

Според Ананја Камбоџа, млада новинарка од Индија, проектот “Фудбал за Пријателство“ благодарение на својот глобален досег, исклучителна популарност и позитивните вредности кои ги промовира, претставува моќно средство за надминување на општествените и економските бариери, а истовремено им помага на младите да се спознаат самите себеси и да се доближат до светот околу нив.

Share Button